Од понеделник, 9 ноември неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажни места со платежните картички на „Алта банка“ се зголемува од 10.000 на 15.000 денари, соопшти гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
Гувернерот најави три нови олеснувања, кои се однесуваат на проширување на мрежата за исплата на готовина, зголемување на лимитите за користење на платежните картички и располагање со приливите од плати, пензии и социјални трансфери.
Од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтерите и во Тетово и Струмица, на кои граѓаните што немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. На овој начин, клиентите од овие градови и околните населени места ќе можат да ги подигнат средствата без да патуваат до Битола.
„Третото олеснување се однесува на сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки. Нив граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката“, рече Славески.
Од вчера започна исплатата на средствата на граѓаните коишто немаат платежни картички. Исплатата продолжува и во следните денови. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе работи и в сабота, 7 ноември. Исплатата на средствата на корисниците на социјална помош започна од денеска. Денес, во експозитурата во Битола биле услужени околу 660 клиенти. Просечниот повлечен износ по клиент вчера беше околу 19 илјади денари, а денес околу 16 илјади денари, што е очекувано поради пониските износи на социјални трансфери.
„’Алта банка’ АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Администрацијата е привремена мерка, која се применува до промена на сопственоста. Состојбата во Банката е добра, таа е ликвидна и висококапитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио“, кажа гувернерот.



