НЕДЕЛНО НОВОЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД СЕГА ИМА КОЛКУ ШТО ИМАШЕ ДНЕВНО ВО ПОСЛЕДНИОТ ВРВ ОД ЗАРАЗАТА

    НЕДЕЛНО НОВОЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД СЕГА ИМА КОЛКУ ШТО ИМАШЕ ДНЕВНО ВО ПОСЛЕДНИОТ ВРВ ОД ЗАРАЗАТАМоментално се хоспитализирани 216 болни односно 35,9% помалку од претходната недела. (Фото: СДК.МК)

    Регистрирани се  вкупно 2.504 новозаболени со ковид -19 во текот на изминатата недела, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавен за периодот од 28 февруари до 6 март. Тоа е приближно колку дневната бројка на новозаболени кои беа евидентирани за време на врвот од заразата во четвртиот бран, кога на 18 јануари имаше 2.269 нови позитивни случаи.

    Епидемиолошката состојба се смирува, а сите бројки се во опаѓање. Од вкупно тестирани 17.416 материјали во лабораториите регистрирани сe 2.504 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 32,3% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи во просек до 14%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, Скопје и Демир Капија.

    Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9-годишна возраст, кај кои во споредба до претходната недела се бележи намалување од 46,9%.

    Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 372 реинфекции, со намалување за 31,5% во однос на претходната седмица. Заклучно со 6 март, регистрирани се вкупно 10.858 реинфекции, од кои кај 27 лица тоа биле реинфекции по втор пат. На неделно ниво биле пријавени 44 смртни случаи во 17 градови што е намалување за 35,3%. Најголем дел од нив се од Скопје. За време на цела пандемија има вкупно 9.086 смртни случаи.

    Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 216 лица (35,9% помалку во споредба со претходна недела), од нив 150 се на кислородна поддршка (41,2% помалку во споредба со претходна недела), а 8 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (11,1% помалку во споредба со претходна недела).
    Согласно новиот алгоритам за оздравување, во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 3.511 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Кај заболените преовладуваат двата соеви на омикрон.

    Од појавата на пандемијата досега пријавени се вкупно 299.766 позитивни случаи. Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци. Највисок морталитет се регистрира во Охрид, Прилеп и Кавадарци. Највисок леталитет во Струга, Крива Паланка и Дебар

    Регистрирано е намалување на инциденцата во последните четири недели во скоро сите градови, со најголемо намалување во Виница. Највисок специфичен морбидитет се регистрира кај возрасната група од 40 до 49 години, а најнизок кај децата до девет години, од кои беа пријавени вкупно 7.346 лица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира