НЕДОСТИГОТ НА КВАЛИФИКУВАНИ РАБОТНИЦИ И КОРУПЦИЈАТА СЕ ГЛАВНИТЕ ПРЕЧКИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ ХОЛАНДСКИТЕ КОМПАНИИ

    НЕДОСТИГОТ НА КВАЛИФИКУВАНИ РАБОТНИЦИ И КОРУПЦИЈАТА СЕ ГЛАВНИТЕ ПРЕЧКИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ ХОЛАНДСКИТЕ КОМПАНИИРезултатите од анкетата ги претстави холандската амбасадорка Узлем Џанел на настан со кој се одбележа Денот на холандскиот претприемач

    Недостигот на квалификувана работна сила, корупцијата и непредвидливото бизнис опкружување се главните пречки во водењето бизнис во Македонија, покажа анкетата спроведена меѓу холандските компании оваа година. Резултатите од анкетата ги претстави холандската амбасадорка Узлем Џанел на настан на кој присуствуваа претставници на владините институции, стопанските комори, холандскиот бизнис сектор и на бизнис асоцијациите.

    На скала од 1 до 10, испитаниците ја оценија бизнис климата во државата со 5,7, што е за 6% подобар резултат во споредба со последната анкета спроведена во 2022. Тие велат дека клучни фактори кои би влијаеле врз нивната одлука да го прошират својот бизнис во Македонија се ниските оперативни трошоци (23%), владината поддршка (20%), растечката побарувачка за нивните производи (20%) и леснотијата на водењето бизнис (17%).

    Во исто време, 27% од анкетираните компании рекле дека во Македонија нема доволно квалификувана работна сила, а 15% сметаат дека владее непредвидливо бизнис опкружување. Девет отсто се изјасниле дека се соочиле со корупција во односите со јавни и приватни субјекти.

    Речиси сите холандски компании кои работат во земјава се активни на полето на корпоративно-општествената одговорност, со главен фокус на заштита на животната средина, безбедност при работата и политики за добросостојба на вработените.

    „Денеска го славиме претприемачкиот дух, кој е многу повеќе од отворање бизнис. Претприемништвото подразбира и издржливост, визија и храброст кои водат кон нови можности и раст“, рече амбасадорката Џанел на настанот со кој се одбележа Денот на холандскиот претприемач.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира