Судењето за „Монструм“ за петкратното убиство кај Смиљковското езеро пред 7 години почна со изјава на судијата за организиран криминал од Кривичниот суд Огнен Ставрев дека не го интересираат проблемите во СЈО и оти судењето ќе продолжи.
„Веднаш да ви кажам, за мене овластени обвинители за овој предмет се сѐ уште Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Мене никој не ме известил поинаку. Нека одлучи Јавниот обвинител за отстапувањето на предметите од Катица Јанева, меѓу кои е и овој, па ќе видиме што понатаму. Сега судењето ќе продолжи“, рече Ставрев.
Пред да почне читањето на материјалните докази, стана таткото на убиеното момче Александар Наќевски.
„Судија, сакаме да знаеме што ќе се случи. Ако ги тргнат овие двајца обвинители, ние ќе треба да чекаме трети обвинители откако е почнат овој судски процес. Ние баравме СЈО да го презеде ’Монструм‘. Ние не сакаме обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски да ги тргнат од овој случај. Сакаме докрај тие да го застапуваат обвинението“, побара родителот Горан Наќевски, во име на семејствата на убиените.
Ставрев им кажа дека јавниот обвинител наскоро ќе одлучи и ќе се знае.
Следното рочиште е закажано за 18 септември 2019 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА