Во Градската општа болница во Скопје „8 Септември“ работи само еден неврохирург и нема оддел за неврохирургија, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Кристијан Костов , директор на болницата, откако до медиумите беа испратени анонимните дојави дека наводно група лекари побарале Државниот санитарен и здравствен инспекторат да направи контрола како се оперираат пациенти во болницата и дека несоодветно се згрижуваат по други оддели.
Тој вели дека инспекцијата е добредојдена за да види точно каква е состојбата.
„Точно е дека имамеме само еден неврохирург. Точно е дека немаме оддел за неврохирургија и дека оперираните пациенти лежат на одделот за неврологија и на одделот за уво, нос и грло. Но, ова не е нова состојба, туку вака се работи во болницата веќе четири години, откако е примен докторот. Нема ништо спорно во неговата работа, односно тој најрегуларно си работи. Нашата болница е регистрирана како болница од секундарно здравство, каде се изведуваат операции од општа хирургија, а под општа хирургија влегува и неврохирургијата“, вели д-р Костов.
Тој додава дека би било убаво болницата да има и оддел за неврохирургија, но за да може да се отвори ваков оддел, треба да вработат уште двајца неврохирурзи, 20 медицински сестри и да се уреди простор и за болнички кревети и за интензивна нега.
„Побаравме и од Министерството за здравство и од Министерството за финансии и од Фондот за здравствено осигурување да ни дадат согласност да вработиме и сестри и лекари и да ни обезбедат средства за да уредиме простор каде ќе може да се отвори одделот. Досега сѐ уште нема ништо. И ние не сакаме да ги шетаме пациентите од еден на друг оддел, но состојбата е таква“, вели д-р Костов.
Според него болницата во моментов не може да издвои од својот буџет за уредување простор за оддел за неврохиругија, бидејќи веќе има пет милиона евра доспеан долг и уште два милиони евра тековни трошоци.
„Кога дојдов четири оддели беа затворени, бидејќи недостигаа медицински сестри. Добивме согласност од Министерството за финансии и вработивме 60 медицински сестри, од кои 45 веќе работеа со договор на дело во болницата. Успеавме да ги отвориме одделите за пулмологија и гастро, а сѐ уште се затворени кожно и инфективо одделение“, вели д-р Костов.
Костов вели дека не само Државниот санитарен и здравствен инспекторат, туку сите државни инспекции и ревизорски тела се добредојдени во 8ми септември.
„Нека дојдат. Секогаш се добредојдени во нашата болница, да видат и да проверат во каква состојба е. Уште веднаш кога ме назначија за директор на „8 Септември“, пред пет месеци, испратив писмени барања и до Министерство за здравство и до Фондот за здравство да се направи ревизија на финансиското работење на болницата и сите инспекции и ревизори се добредојдени“, вели д-р Костов.
Е. БОЧВАРОСКА