Премиерот Зоран Заев го повика кичевецот со псевдоним Ел Чека да објави и негови разговори на Фејсбук, откако од него беше побаран коментар за прашањето на Али Ахмети зошто Ел Чека објавува само разговори на ДУИ, а не и на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Еве јавно го повикувам, нека објави и за мене. Јас сум транспарентен човек. Не знам зошто не објавувал за други, само за Али Ахмети. Но, треба да знае дека се одговара за тоа. Светот е глобално село и ќе одговара кога тогаш. Ако има, нека објавува сега“, кажа Заев на прес-конференција во Владата за разрешувањата на високи функционери.
Лидерот на ДУИ, зборувајќи вчера на партиски настан во Сарај, праша зошто не се објавуваат приватни разговори за членови на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку само за членови на ДУИ.
Во кичевскиот суд се води процес против Ел Чека за Неовластено прислушкување и тонско снимање, но тој живее во Чикаго и е недостапен за судот.
А. АНТЕВСКА