Директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов реагира на плашењето народ, како што вели, од страна на експремиерот Никола Груевски, кој на фејсбук профилот укажа на пропусти и опасности во изградбата на тунелот на новата делница Демир Капија-Смоквица, која треба да биде пуштена утре.
“Нема агрегат како бекап варијанта. Ова значи дека ако нема струја, нема да се вози по тунелот. Барем не во нормална земја”, тврди Груевски во статусот на фејсбук, на што Китанов одговара: “Понудата на грчки “Актор” беше да ни го остават агрегатот за 70.000 евра. ЈП За државни патишта има 20 агрегати. Ќе го исклучам далноводот, го повикувам поранешниот премиер Груевски да пикне прст во штекер во тунелот, ако тврди дека нема струја”, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Китанов.
На обвинувањата дека нема обучени инженери и технички персонал што ќе го менаџира тунелот, Китанов тврди дека за овој тунел кој е од втора класа, има обучено два машински, еден сообраќаен и еден електроинженер, потоа 8 техничари и други стручни кадри за деноноќно менаџирање со тунелот. Согласно склучените меморандуми за соработка со јавните претпријатија за државни патишта на Словенија, Австрија и Босна, вчера дошле контролори првин од Словенија, кои, една недела ќе им помагаат на нашите во услови на сообраќај. Потоа ќе дојдат, вели Китанов, и нивните колеги од другите две земји.
“Контролорите од странство ќе ни помагаат бесплатно. Изведувачот “Актор” со писмена понуда побара 1.300.000 евра за 4 луѓе да го контролираат тунелот една година и плус возило ќе ни дале. Нормално, оваа милионска понуда ја одбив”, вели Китанов.
Тој на критиките на поранешниот премиер дека за новиот тунел немало противпожарни и возила за прва помош одговара дека со општините Демир Капија, Неготино и Гевгелија го средил тоа и спиоед додоворот, ќе се користат нивните возила при неопходни ситуации. Истото вели се однесува и за шлеп – возилата. „Во моментов тече тендер за избор на фирма и за овие потреби“, рече Китанов.
Китанов го прашавме и за забелешката на Груевски за немањето сертификат за безбедност од ТУВ-германско сертификационо тело за тунелот што ќе се пушта во употреба со новиот дел од автопатот. Тој вели дека пред да се шири страв меѓу сообраќајните учесници, треба првин едукација за кои класи тунели треба таков сертификат.
С. К. ДЕЛЕВСКА