Потпретседателот на Алијанса за Албанците (АА) и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари вели дека нема логика тврдењето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека членот на АА Цуфи Кока сакал да го убие за време на вчерашниот протест. Таравари застана во одбрана на Кока, кој синоќа беше приведен од полицијата за пукање со пиштол кај плоштадот Скендербег додека таму поминуваше поворката од протестот против францускиот предлог. Кока е сопственик на истоимениот хотел на плоштадот Скендербег.
„Логично е да протестирате пред Влада, Собрание или друга институција, но протести пред приватен хотел или во населба каде што генерално живеат 90 отсто Албанци ми изгледа провокативно. Хотелот една вечер претходно е оштетен од луѓето кои маршираа и протестираа. Тие влегле во сопственост на човекот од кој вчера ја извадија сликата. Нелогично е тоа ‘сака да ме убие’, ми изгледа како парадокс само по себе“, изјави утринава Таравари во гостување во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
Мицкоски вчера на Фејсбук објави фотографија од Цуфи Кока со пиштол во раката и напиша: „Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва“.
За разрешувањето на братот на Цуфи Кока, Зуди Енуз, кој беше директор на ЈП „Комунална хигиена“, од страна на Данела Арсовска, Таравари рече дека ако е тоа вистина, негов став е да прекине соработката со скопската градоначалничка.
„Ако е разрешен, мислам дека тука завршува нашата соработка во Град Скопје, со Данела Арсовска. После 12 навечер да разрешува директори без да се консултира со нас е неприфатливо“, рече Таравари.