НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ ОПОЗИЦИЈАТА ДА НЀ ПОВЛЕЧЕ ВО ДАВЕЊЕ ВО КАЛТА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ВО ПРАЗНИЧНИОТ ГОВОР НА МЕЧКИН КАМЕН

    НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ ОПОЗИЦИЈАТА ДА НЀ ПОВЛЕЧЕ ВО ДАВЕЊЕ ВО КАЛТА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ВО ПРАЗНИЧНИОТ ГОВОР НА МЕЧКИН КАМЕНМицкоски говореше на свеченоста на Мечкин Камен во Крушево, на одбележувањето на 121 година од Илинденското востание. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски рече дека 2 Август е светол ден за Македонија, кога се слави празнува херојското дело и подвигот на илјадници кои сво 1903 кренале востание, „кое не е само востание за слобода, туку и востание на слободарскиот дух, борба за правдини, верба во вредности и надеж да се победи по векови ропство, падови, тежок живот и бројни жртви“. Мицкоски говореше на свеченоста на Мечкин Камен во Крушево, на одбележувањето на 121 година од Илинденското востание.

    Тој кажа дека имаме долг, кон историјата, но и пред себе, како луѓе да покажеме достојна почит и со сериозно достоинство и поклон да се однесуваме кон делото и херојството на овие луѓе.

    „Многу сум горд на мојот народ што никогаш не посегнавме по туѓо, никогаш не посакавме нешто што не е наше, и секогаш дававме почит кон сите останати. Овде од овие шуми и падини не се сведочи само за громогрласното ехо на комитите кои во овие часови пред точно 121 година, извикуваа УРА, туку и за нивната посветеност и неспорна грижа за својот народ и огромната жртва која ја дадоа.  Тие го даваа најскапото, за нашата иднина“, кажа Мицкоски.

    Голем дел од неговиот празничен говор премиерот посвети на кудење на опозицијата и на Мечкин Камен  го повтори владејачкиот наратив од стартувањето на неговата Влада, дека затекнале запустена држава.

    „Многу ќе беше полесно, многу ќе беше поедноставно доколку една генерација го наследи делото и продолжи она што го градела претходната. Не би бил одговорен кон себе и кон сите вас доколку не кажам дека она што го затекнавме како влада не е само запоставена држава и институции туку и ограбена и недомаќински разграбена држава по сите параметри. Не можам да ја одбегнам неодговорноста поради неописивата радост на опозицијата поради пожарите и таа решеност и истовремено неодговорност да се прави политика од колективната несреќа и борбата на сите нас секојдневно да се стават под контрола пожарите. Но и фрапантното е лицемерие за делење на лекции и памет од истите оние кои на владата и оставија летала за гасење на пожар кои не летаат, без екипаж, институции за спасување без опрема и без било каква организираност. Политиката на ниски страсти која ја водат говори само за недостаток на визионерство, конфликтите од внатре кои сакаат да ги пренесат надвор, нивните проблеми да станат проблеми на нацијата и давењето во калта во која сакаат сите да не повлечат. И тоа нешто кое нема да го дозволам“, рече Мицкоски и додаде:

    „Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа. А денес имаме сериозни обиди за нарушување на тоа единство. Поединци кои си играат со колективните судбини и го продаваат тоа единство“.

    Тој повика „да направиме држава каде нема да има граѓани од прв и втор ред“.

    „Да имаме држава каде секој ќе знае дека е заштитен, а не уплашен ако му се закани некој политичар. Ова не смее да биде држава каде ќе има неправди. Ова не смее да биде држава каде ќе има наредени и потчинети поради политичка припадност. Ова ќе биде земја каде ќе се почитува секој оној што е чесен, искрен и вреден, а ќе се казнува секој оној што е корумпиран. Да ги вратиме вредностите онаму каде е место – тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани… Македонија повторно горда и повторно твоја“, рече премиерот повторувајќи го изборниот слоган на неговата патија ВМРО-ДПМНЕ, на последните парламентарни избори.

    Цитирајќи го револуционерот Гоце Делчев кој рекол: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех! Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба…“., премиерот рече дека „ Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода. Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира