Новиот министер за животна средина Насер Нуредини е свесен дека проблемите во неговиот сектор се големи, но вели дека не планира да измислува нови методи, туку да ги следи примерите на успешните, споменувајќи ја Љубљана како позитивен пример со селекцијата на отпадот и рециклирањето. На неговата прва прес-конференција како министер, тој кажа дека и самиот во текот на својата кариера работел на неколку проекти поврзани со третманот на отпад и неговиот пристап на овој проблем е дека нема само да седи и да чека помош во справувањето со отпадот туку дека активно ќе бара стручњаци и компании од странство кои ќе можат да понудат современи и применливи решенија.
„Гасификацијата е само делумно решение, мораме да најдеме и други енергетски решенија кои ќе значат помало загадување на воздухот за време на грејната сезона“, рече вчера Нуредини, зборувајќи за алтернативи за сегашните методи за греење кои енормно загадуваат.
На новинарско прашање зошто доцни набавката на мерните инструменти за мерење на аерозагадувањето, што беше една од приоритетните мерки најавни од Владата, заменик-министерот Јани Макрадули одговори дека едниот повик за набавка на мерни инструменти е завршен, набавени се инструментите и треба да се инсталираат, информирајќи и дека завчера министерот го потпишал документот за новата мерна станица во Ѓорче Петров.