НЕМА ДА СЕ ДОДЕЛИ ДРЖАВНАТА НАГРАДА „МИТО ХАЏИВАСИЛЕВ-ЈАСМИН“ ЗА НОВИНАРСТВО И ПУБЛИЦИСТИКА

    НЕМА ДА СЕ ДОДЕЛИ ДРЖАВНАТА НАГРАДА „МИТО ХАЏИВАСИЛЕВ-ЈАСМИН“ ЗА НОВИНАРСТВО И ПУБЛИЦИСТИКАМинистерството за култура вели дека највисоката државна награда нема да се додели поради неспровеудвање на процедурата од надлежната собраниска комисија. - Министерот Роберт Алаѓозовски на прославата на НУБ „Св.Климент Охридски“ (Фото: Влада на РМ)

    Годинава нема да се додели највисоката државна награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџи Василев – Јасмин“.

    Министерството за култура соопшти дека наградата нема да се додели бидејќи Комисијата за избори и именувања и Собранието на Македонија за избор на Одборот за доделување на наградата, не распиша конкурс за избор на нов состав. Претседател на собраниската комисија е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Министерството на 21 август покренало иницијатива за именување на нов состав на Одборот за доделување на Мито Хаџи Василев – Јасмин.

    „Со оглед на фактот дека во почетокот на август беа распишани Локалните избори 2017, а според укажувањата на Државната комисијата за спречување на корупцијата, Собранието на Македонија ги прекина парламентарните седници и комисиските расправи се до завршување на изборниот период,. Со тоа се пробиени законските рокови и за конкурсот, што според Законот треба да трае од 1 до 31 октомври, како и за донесување Одлука од страна на Одборот. Поради овие причини, наградата Мито Хаџи Василев – Јасмин во 2017 година нема да биде доделена“, стои во соопштението.

    Неодамна, Димовски ни рече дека доцна бил доставен предлогот до Комисијата за избори и именувања за членови на комисијата за избор на наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ и за наградата „23 Октомври“.

    „Веќе беа распишани изборите и според Изборниот законик не смее кадровски решенија да се носат во тој период. За ’Јасмин беше доставен предлог, а за комисијата за наградата ’23 октомври немаше. Не само ’Јасмин и ’23 октомври туку останаа незавршени и други работи, како избор на заменици на генералниот секретар на Собранието, и друго, поради политичката криза“, изјави Димовски.

    Тој тогаш рече дека ќе побара средба и со министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

    „Ќе бараме соодветен третман на сите награди, не само за ’Јасмин, туку и за наградата ’23 Октомври“, ни рече Димовски.

    Мандатот на претходниот Одбор за доделување на оваа државна награда заврши на 9 јуни.

    Претходниот состав на Собранието на Македонија, на 9 јуни 2015 година донесе Одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда Мито Хаџи Василев – Јасмин“ со времетраење на мандатот од две години.

    „Министерството за култура очекува во најскоро време Собранието на Македонија да го спроведе изборот на членови на Одборот за доделување на оваа државна награда, со што нејзиното доделување за наредната година нема да биде доведено во прашање“, велат оттаму.

    Државната наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ се доделува на поединци за остварувања во областа на публицистиката и новинарството, на 21 декември, денот на неговото раѓање.

    Лани наградата ја добија Тони Димков за новинарство и Аљуш Камбери за публицистика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира