Учебната година во средните училишта ќе заврши на 10 јуни и нема да се продолжи, одлучи Владата на денешната седница. Според Одлуката за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта, се утврдува дека има 146 наставни денови во тековната учебна година во средните училишта, односно дека ќе нема продолжување.
На денешната седница Владата одлучи и да престане ограничување на извозот на масло од сончоглед, согласно состојбата според која тековното домашно производство на масло од сончоглед редовно го снабдува домашниот пазар и нема потреба да се создаваат вишоци, односно залихи.
Денеска Владата ги задолжи Министерството за здравство и Министерството за финансии да ги обезбедат неопходните средства за антиретровирусната терапија како составен дел од Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за 2022.