НЕМА ДИЛЕМИ ДЕКА ТУРЦИЈА ЌЕ ГО РАТИФИКУВА ПРОТОКОЛОТ ЗА НАТО, КАЖА ШЕКЕРИНСКА ПО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕТО ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА ФЕТО

    НЕМА ДИЛЕМИ ДЕКА ТУРЦИЈА ЌЕ ГО РАТИФИКУВА ПРОТОКОЛОТ ЗА НАТО, КАЖА ШЕКЕРИНСКА ПО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕТО ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА ФЕТОМинистерката за одбрана Радмила Шекеринска нема дилеми дека Турција ќе го ратификува протоколот за пристап во НАТО. - Од денешната посета на турскиот министер Хулуси Акар (Фото: Министерство за одбрана)

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека не е доведено во прашање ратификувањето на протоколот за членство во НАТО од Турција, по денешните изјави на турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, кој е во посета на Скопје, дека очекува Македонија да се вклучи поактивно во борбата против тероризмот и дека од тоа зависи ратификувањето на протоколот.

    „Турција е наш долгогодишен пријател и партнер и партнерските односи со Турција се долгогодишни, а за тоа зборува и денешната посета во Скопје од турскиот министер за одбрана, во овие моменти кои се тешки за нив. Разговаравме во насока и на решавање и за предизвиците со кои се соочува и Република Турција но и Македонија. Немаме дилеми дека Република Турција ќе го ратификува протоколот за пристап“, рече Шекеринска.

    Таа, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека со колегата од Турција не дискутирале за тоа за колку дена или недели ќе биде ратификуван протоколот, туку за прашања што ги засегаат двете земји.

    „Ја цениме досегашната поддршка од Турција и типот на солидарност што го покажаа кон Македонија, особено во време кога во поддршката стоеше сама. Ние секако дека ќе одговориме на поддршката со истиот тип на солидарност и не очекувам одложување на ратификацијата на протоколот“, рече Шекеринска.

    Таа кажа дека Турција сега е во изборна процедура, и дека за добрите односи со оваа змеја е и договорот за воено-финансиска соработка кој стапи на сила на 5 февруари годинава.

    Турскиот министер Акар предупреди дека структури на организацијата Фето, која Турција ја смета за терористичка организација, во нашата земја им штетат на односите на двете земји и, како што кажа тој, го саботираат на некој начин пријателството и братските односи.

    „Имаме имиња на некои од поглавните од терористичката организација, што се поделени меѓу институциите на двете земји и длабоко сум уверен дека во наредните денови институциите на Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки околу тоа. Им веруваме на институциите на Северна Македонија“, кажа Акар.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира