Државата располага со 350.000 вакцини за ковид-19 на кои рокот им истекува до крајот на годината, изјави министерот за здравство Беким Сали додавајќи дека интересот за вакцинација опаѓа поради намалениот број на новозаразени. Запрашан на денешната прес-конференција колку од овие вакцини ќе завршат на депонијата Дрисла, тој рече дека државата мора да биде подготвена во сите фази со доволни количини на вакцини. За нив државата не дала пари, туку се донација од Италија и Хрватска.
„Имаме 350.000 вакцини со важност до крај на декември што значи имаме повеќе од потребното. Станува збор за 250.000 вакцини донација од Италија, а 100.000 од ‘Модерна‘ донација од Хрватска. Бројот на нововакцинирани лица кои по втор или трет пат се вакцинираат во нашата држава на неделно ниво е околу 1. 000. Опаднат е интересот поради опаѓање на бројот на новозаразени, но ние мора како држава да бидеме спремни за секој наплив во есенските или зимски денови“, рече Сали, кој денеска присуствуваше на примопредавањето на опрема за транспорт и складирање на вакцини од Европската унија.
Донацијата се состои од четири возила со товарен дел со ладење за транспорт и испорака на вакцини во вредност од 6 милиони денари, вкупно 35 биомедицински замрзнувачи со ултра ниска температура на ладење од минус 10 до минус 60 степени целзиусови со вредност над 10 милиони денари, а од истиот грант до крајот на годината ќе пристигне уште опрема за имунизација.
Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека ЕУ беше покрај нашата земја во текот на целиот период со ковид-19 обезбедувајќи повеќе од 241 милион евра во итна медицинска помош за справување коронавирусот , во што е вкучена и испорака на 25 механички вентилатори и друга медицинска опрема.
Ж. ЗДРАВКОВСКА