Бебето кое се роди на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство, од мајка позитивна на коронавирус, е негативно на вирусот, соопшти Министерството за здравство. Пациентката од Куманово позитивна на вирусот роди живо машко новороденче кое е недоносено и се наоѓа на интензивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство.
„На 31 март, неговата мајка поради отежнато дишење со намалена сатурација, беше веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, од каде информираат дека нејзината состојба е стабилна“, велат од кабинетот на министерот Венко Филипче.
Родилката од Куманово е на возраст од 27 години. Таа беше спроведена и породена во изолација, поради фактот што како суспектна на КОВИД -19 и со упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода била најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар. При приемот, на пациентката освен комплетната лабораторија, веднаш ѝ бил земен брис за Ковид- 19.
„На Клиниката за гинекологија и акушерство со пациентката е постапено по сите протоколи за прием на суспектен или заразен пациент како во однос на нега и третман, така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот“, стои во соопштението од министерството.
Б. НЕСТОРОСКА