Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вели дека Законот за бранители нема да помине во Собранието, оти власта има апсолутно мнозинство од 78 пратеници.
„Прашањата и дилемата е како СДСМ која е партнер на ДУИ преку ноќ од граѓански концепт врз основа на кој добиваа и албански гласови, предлага Закон за бранители преку ексминистерката за одбрана Славјанка Петровска. Дилемата се поставува дали не беа искрени кога промовираат граѓански концепт и сега станаа националисти и предлагаат ваков закон. Но, нема потреба од загриженост, бидејќи тој закон нема да помине во Собрание зашто оваа Влада исторски има најстабилно мнозинство од 78 пратенции и капацитет да ги решава сите прашања“, рече Меџити одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за преземање мерки против аерозагадувањето.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, неколкупати досега одговарајќи на новинарски прашања вели дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го гласаат Законот за бранители.
Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска изјави дека не е судија за да ѝ суди на пратеничката Илире Даути од ДУИ, која не го послушала кога писмено ѝ се обратил и побарал од неа да закаже седница на Комисијата за труд и социјална политика и на разгледување да ги стави предложените измени на Законот за правата на бранителите. Деловникот вели ако претседателот на работното тело не свикува седница, свикува претседателот на Собранието, кој одредува кој ќе ја раководи таа комисија. Но Даути свикала седница на Комисијата и не го ставила на дневен ред Законот.
Патем, дека оваа работа се законот ќе се развлече бескрајно, зборува и фактот дека тој побарал да се разгледа на друга комисија, односно Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, за отворени прашања кои порано биле арбитрарно решавани.
„Ќе викнеме и експерти, јавно ќе се отвори прашањето за колизија меѓу членови на Деловникот. Дури да се донесе нов Деловник, ќе се водиме од тие заклучоци“, рече Гаши и потврди дека може да се зборува и за овој деловнички ‘спор’ со Даути.
А. АНТЕВСКА