Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска е во прва посета на Украина како претседавач на ОБСЕ и притоа го осуди рускиот напад на станбена зграда во Днипро, каде што пред два дена загинаа повеќе од 40 лица и над 70 се ранети.
„Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна“, кажа Османи.
Османи го посети градот Бородјанка во киевската област, силно погоден од воените дејствија.
„Во вооружените дејствија од страна на Русија, разрушени се училишта, болници, и друга државна инфраструктура која, за жал и понатаму се оштетува или уништува. Сите ние кои даваме поддршка на Украина сме на вистинската страна на историјата, на вистинската страна на хуманоста, на почитувањето на правото на живот“, рече Османи.