Нема обрасци за сообраќајни дозволи на станиците за технички преглед на возилата. Изминативе неколку дена, граѓани се јавија во нашата редакција да пријават дека не можат да ги регистрираат колите бидејќи на станиците ги немало сообраќајните книшки во кои МВР удира печат по регистрацијата.
Проблем имаат граѓаните кои купиле нови возила и оние кои после неколку регистрации на колите мораат да го сменат образецот поради тоа што нема место за печат.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК отиде во неколку станици за технички преглед да провери дали има дозволи. На сите места на граѓаните им беше кажано дека нема и да дојдат за неколку дена.
„Не можеме да го регистрираме вашето возило затоа што немаме сообраќајни дозволи. Пробајте на друго место, ама не ви гарантираме дека има“, велеа поцицајците.
Кога ги прашавме службениците на МВР зошто нема книшки, само ни одговорија „не знаеме, не ни носат“.
Граѓаните велат дека сега не знаат што да прават со осигурувањето што го платиле за возилото зашто тоа е со денешен датум, но бидејќи нема дозволи не може да се впише и прашуваат како тоа ќе се регулира кога ќе стигнат обрасците. Дали несовпаѓањето на датумот на техничкиот преглед, почетокот на осигурувањето и регистрацијата ќе биде проблем вгодина, кога ќе има неколкудневен јаз од период во кој возилото ќе се вози без осигурување?
Вработени во станиците за технички преглед велат дека уште пред два месеца почнал проблемот со недостигот на сообраќајни дозволи, кога се случувало на одредени места да нема или да им бидат носени помал број. Никој не им кажувал каде е проблемот, дали можеби имаат проблем со тендерот и фирмата која ги печати обрасците.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР), пак, велат дека има обрасци за сообраќајни дозволи.
„Околу наводниот недостиг на обрасци за сообраќајни дозволи, ве известуваме дека согласно денес направените проверки, Одделението за управни работи Скопје односно референтите кои се деташирани по станиците за технички преглед располагаат со потребните обрасци за сообраќајни дозволи“, ни одговорија од МВР.
Лани летото проблем беше немањето регистрациски таблички, но и тогаш МВР па и лично самиот министер Оливер Спасовски тврдеа дека тоа не е точно и дека таблички има.
„Регистарските таблички пристигнуваат во континуитет и граѓаните врз основа на потребите може да си бараат и да ги подигнуваат. Имавме проблем од аспект на јавните набавки, такви се законските прописи, но тој проблем е надминат и стигнуваат на дневна основа регистарски таблички“, изјави лани во јуни Спасовски.
А. АНТЕВСКА