НЕМА ЦЕНЗУРА ЗА „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ НА БОЈАЏИ, ДРЖАВНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ГО ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГОТ ЗА ЗАБРАНА ШТО ЈА БАРАШЕ МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА

    НЕМА ЦЕНЗУРА ЗА „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ НА БОЈАЏИ, ДРЖАВНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ГО ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГОТ ЗА ЗАБРАНА ШТО ЈА БАРАШЕ МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРАНа рочиштето во основен суд Скопје 2 беше присутен и Небојша Јовановиќ, директорот на фестивалот Киненова што на 5 октомври отвори со македонската премиера на филмот на Јани Бојаџи (Фото: СДК.МК)

    Филмот на Јани Бојаџи „Ругање со Христос” ќе може слободно да игра во кино, откако Државниот правобранител на Република Македонија Фехми Стафа денеска го повлече предлогот со кој од Основниот суд Скопје 2 бараше времено да гo забрани идното прикажување поради говор на омраза. Филмот имаше премиера на 5 октомври на фестивалот Киненова во Скопје, а мерката за забрана за прикажување во тек на 30 дена по фестивалот ја бараше Министерството за култура, на невиден филм туку само врз основа на трејлерот.

    Државното правобранителство поднесокот за повлекување на мерката забрана го испрати до судот по дополнителните анализи, а на денешното рочиште судијката Сузана Дончевска констатира дека предлогот е повлечен. Во Судот не дојдоа претставници ни на Државното правобранителство ниту на Министерството за култура. Влатко Китановски, адвокатот на здружението „Артсинема“ што е организатор на Киненова,  рече дека се согласува со предлогот за повлекување, а судијката Дончевска се согласи со неговото барање судските трошоци за ова рочиште да ги плати Министерството за култура.

    На рочиштето беше присутен и директорот на Киненова Небојша Јовановиќ, како и претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Јовановиќ одби да коментира.

    Филмот на Бојаџи вечерва ќе се прикаже во Домот на културата во Штип, а на крајот на месецов и во Прилеп.

    Како што соопшти  Државното правобранителство на 7 октомври, решението за повлекување на предлогот за забрана е донесено по направените дополнителни и целосни согледувања и правни анализи.

    „Од страна на Државниот правобранител, после информацијата дека филмот веќе се емитува, констатирано е дека по однос на барањето нема веќе правна основа. Согласно ингеренциите, постапувањето на Државниот правобранител ќе биде насочено единствено кон заштита на имотните права на Република Македонија поврзани со исплатите на надоместокот за филмот од Буџетот на Република Македонија“, рече Државното правобранителство за МИА.

    Филмот на Бојаџи е актуелен изминатиов период по реакциите од Министерот за култура Асаф Адеми и од директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кои иако велат дека не го гледале филмот туку само трејлерот, го оценија како скандалозен, без уметничка вредност и оти ги навредува чувствата на Албанците оти војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи.

    Но во конечната верзија на филмот таква сцена на силување нема. Многумина по макеоднската премиера сметаат дека попусто се дала политичка конотација на филмот е и се направила драма без потреба.

    Бојаџи викендов објави и дека татко му, кој на 5 октомври во акција на МВР беше приведен и доби кривична пријава заедно со уште 13-мина од повеќе градови за шверц со артефакти, е пуштен дома.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира