НЕМА ЗАКОНСКА ОБВРСКА ЗА ДУИ ДА СЕ ВКЛУЧИ ВО ВЛАДАТА, РЕЧЕ АМБАСАДОРКАТА АГЕЛЕР

    НЕМА ЗАКОНСКА ОБВРСКА ЗА ДУИ ДА СЕ ВКЛУЧИ ВО ВЛАДАТА, РЕЧЕ АМБАСАДОРКАТА АГЕЛЕРСум имала разговори за ова со низа функционери на ДУИ и други и нема законска обврска за тоа со кој ќе стапите во коалиција, рече американската амбасадорка Агелер. (Фото: Архивска фотографија на ДУИ)

    Нема законски обврски за ДУИ да се вклучи во владата, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за „360 степени“. На прашањето што мисли за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да стапи во коалиција со „Вреди“, а не со коалицијата предводена од ДУИ, и дека од ДУИ инсистираат оти со ова се оди против основниот договор меѓу двете најголеми заедници од 2001, Агелер рече:

    „ВМРО-ДПМНЕ го избра партнерот – Вреди, која е исто така коалиција, исто како и Европскиот фронт предводен од ДУИ. Сум имала разговори за ова со низа функционери на ДУИ и други и нема законска обврска за тоа со кој ќе стапите во коалиција. Партијата што победи на изборите ја имаше можноста и избра да создаде коалиција со малцински групи во земјата. Тоа е од исклучителна важност зашто она што двете наши земји ги прави толку богати е диверзитетот, различните етнички групи и заедници и она што тие го носат за нашите демократии. Оттука, задоволна сум што владата е составена од различни групи и нема законски обврски за ДУИ да се вклучи во владата. Знам дека има прашање на закон наспроти легитимитет, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ избра партнери од различни заедници во земјата и тоа е нивно право. Избраа тоа да го направат и ќе видиме како ова партнерство ќе функционира.“

    Агелер рече и дека според нејзиното искуство во земјава, „има многу можности за различни индивидуи и групи, политички партии и лидери да кажат дека имаат несогласувања и дека се загрижени и сето тоа е дел од една ‘жива’ демократија“.

    „Затоа, имајќи го тој разговор, мислам дека е исклучително значајно да има гласови од различни малцински заедници кои зборуваат за важноста од имање свој претставник во заедницата. Среќна сум што гледам дека тој разговор продолжува“, рече Агелер.

    На 29 мај, лидерот на ДУИ Али Ахмети, во името на коалицијата Европски фронт, повика на битка за почитување на духот на Охридскиот договор и почитување на правото на застапување од оние кои имаат легитимитет во заедницата. Според него, Европскиот фронт предводен од неговата ДУИ го има правото да ја застапува албанската заедница, бидејќи на изборите тие освоиле повеќе гласови и повеќе мандати од коалицијата Вреди. На 2 јуни, сите партиски органи, но и претставници во централната, законодавната и локалната власт од политичките партии кои се дел од коалицијата Европскиот фронт на ДУИ, едногласно ја одобрија, а потоа и потпишаа Политичка декларација за етнички изборен легитимитет, а Ахмети кажа дека ќе биде испратена до сите локални и меѓународни институции. Според декларацијата, непочитувањето на легитимитетот овозможува воспоставување на етничка хегемонија и претставува понижување кон Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира