НЕПОЗНАВАЊЕТО НА ПРАВОТО ОД СТРАНА НА ВРХОВНИОТ СУД Е РАЗОЧАРУВАЧКО, ВЕЛИ ПРОФЕСОРКАТА ГОРДАНА БУЖАРОВСКА

    НЕПОЗНАВАЊЕТО НА ПРАВОТО ОД СТРАНА НА ВРХОВНИОТ СУД Е РАЗОЧАРУВАЧКО, ВЕЛИ ПРОФЕСОРКАТА ГОРДАНА БУЖАРОВСКАПокрај професорката Бужароска, на конференцијата за употребливоста на нелегално стекнати докази во кривичната постапка учествуваа и академик Владо Камбовски и врховната судијка Лидија Неделкова. (Фото: СДК.МК)

    Врховниот суд треба да смогне сили во однос на употребливоста на доказите што ќе произлезат од нелегално прибавените снимки од прислушуваните разговори и да одлучи во корист на јавниот, а не на партискиот интерес, затоа што е на врвот на пирамидата на судскиот систем во Република Македонија. Ова од највисокиот суд во Македонија го побара професорката по кривично право Гордана Бужаровска од Правниот факултет „Јустинијaн Први“, на конференцијата за употребливоста на нелегално стекнати докази во кривичната постапка, какви што се доказите од бомбите што ги има и според кои покренува постапки Специјалното јавно обвинителство.

    Бужаровска рече дека Врховниот суд не смее да дозволи да превагне партискиот над интересот на граѓаните. Оттука, толкување тесно правнички како дека снимањето го правел поединец, физичко лице, едноставно е апсолутно неприфатливо, рече таа.

    Освен ова прашање, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски пред Врховниот суд го постави и прашањето дали СЈО има мандат да поднесува Барање за заштита на законитоста во постапката, или тоа смее само да го прави Јавното обвинителство на Марко Зврлевски. Но, судиите се разболеа, и општа седница Врховниот суд за овие две прашања не може да одржи.

    „За прашањето дали смее СЈО да поднесува БЗЗ, морам да кажам е прашање кое ме разочара. Ме разочара непознавањето на правните норми. Иако во Законот за кривична постапка не фигурира Специјалното јавно обвинителство, тоа е на исто ниво со редовното јавно обвинителство кога е во рамки на она што е негов мандат. За предмет што СЈО го отворило, а не го презело од редовното ЈО, не постои ниту еден правен основ редовното ЈО да поднесе БЗЗ. Тоа одговорно го тврдам и мислам дека врховните судии ќе имаат доблест да не ни го урнисаат правниот систем и да произлезе дека студентите од Правниот факултет повеќе знаат од практичарите“, рече Бужаровска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира