Поради непријатна миризба, петти ден се затворени хируршките сали на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, рече денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска. Таа кажа дека имале неколку состаноци заедно со министерот за здравство Илир Демири и со целиот хируршки блок, и министерот им дал налог да извршат вонреден инспекциски надзор.
„Ние не можеме да постапуваме по оваа проблематика од причина што само проверивме дека на сите хируршки оддели има централен довод на гасови. Бидејќи не сме надлежна институција по истото, само го информиравме министерот за фактичката состојба, а тоа е дека салите се сѐ уште затворени до решавање на проблемот, бидеќи се шири непријатна миризба во салите“, рече Младеновска.
На новинарско прашање до кога ќе трае ваквата состојба, со оглед на тоа дека петти ден не се извршуваат операции и пациентите се препраќаат во други институции, Младеновска рече дека ако од Секторот за заеднички служби и надлежните фирми се утврди причината за непријатната миризба, се надева дека од утре би биле отворени хируршките сали.
Б. НЕСТОРОСКА