Во Основниот суд Скопје 1 денеска продолжи слушањето на бомбите како доказен материјал за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, во кој обвинети за изборни нерегуларности се експремиерот Никола Груевски и поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Во телефонските разговори кои се водени во мај 2011 година пред парламентарните избори, Мартин Протоѓер и Гордана Јанкулоска разговараат истражувањето на А1 телевизија, во кој новинарите имаат изјави од членови на партијата дека треба да достават список од 15 луѓе кои ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
„Го гледаше ли прилогов на А1? Многу лошо, се јавуваат на наши членови, тие им кажуваат, па ќе гласам на снааата решение за вработување и зависи, а друг вика ин витро чекаме. Ги наместиле ептен. Нема да изгубиме ама многу лошо изгледа. Ама не знам како не ги познале кога им се јавувале па секој ден се по телевизија, ама тоа е прост народ“, му раскажува Јанкулоска на Протоѓер.
Во друг разговор Протоѓер ѝ кажува на Јанкулоска дека ќе ги тужат новинарите на А1 за лажно претставување.
„Не може од ова полошо да биде. Не е ВМРО-ДПМНЕ предмет. Не објавуваат деманти. Тужби се спремаат“, ѝ вели Протоѓер на Јанкулоска.
„Ова е монструозна конструкција. А бе, угледот на државата се доведува во прашање. Тужба за лажно претставување на Сашка Цветковска, па после кога ќе ја викаат на суд малку непријатно ќе ѝ биде. А бе, тоа е цела машинерија. А нашава машинерија пушта без врска прилози“, вели Јанкулоска.
Потоа Протоѓер ѝ се жали на Јанкулоска дека многу го изнервирал тогашниот Јавен обвинител Љупчо Шврговски, сега адвокат на Сашо Мијалков, оти не покренал обвинение по допрен глас за лажно претставување.
„Овој Шврговски ти кажувам јас за СДСМ работи. А бе ај кажи ми што направил, едно обвинение нема покренато. Ме нервираат педери како Шврговски. Каква порака сум му спремил, со мајки, шајки, со племе комуњарско“, се жали Протуѓер на Јанкулоска, а таа му вели дека секаде каде што ставиле професионалци, на гурање одела работата, па го советува да му каже на Сашо да интервенира кај Шврговски.
„А бе тој се пијанчи и коцка цели ноќи. Еве сабајле мртов пијан дојде”, вели Протоѓер.
„А па не може така, сред избори сме”, му одговара Јанкулоска.
Во разговорите се слушаше како Миле Јанакиески со Мартин Протоѓер и Влатко Мијалков договараат активности за поголема излезеност на дијаспората, а информации за колку луѓе пријавени од Јанакиески бара и тогашниот премиер Никола Груевски.
А. АНТЕВСКА