НЕУСПЕШЕН ОБИД СУДЕЊЕТО „МОНСТРУМ“ ДА СЕ ВРАТИ ОТПОЧЕТОК, ДОДЕЛЕНИ НОВИ АДВОКАТИ НА ОБВИНЕТИТЕ ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ

    НЕУСПЕШЕН ОБИД СУДЕЊЕТО „МОНСТРУМ“ ДА СЕ ВРАТИ ОТПОЧЕТОК, ДОДЕЛЕНИ НОВИ АДВОКАТИ НА ОБВИНЕТИТЕ ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТБез дозвола од судот, адвокатите на обвинетите за петкратното убиство кај Смољковци, си станаа сред судење. (Фото:СДК.МК)

    Судскиот процес против монструозното петкратно убиство на четирите момчиња и 40-годишен граѓанин пред осум ипол години кај Смиљковското езеро, за малку денеска ќе се вратеше по третпат отпочеток, но судијата Огнен Ставрев ова судење кое е пред пресуда, го спаси.

    Поради недоличното однесување, викање од страна на едниот бранител по судијата Ставрев дека не го прочитал законот и поради напуштањето на судницата на среде судење, адвокатите тој ги казни парично, за што ќе ја извести и Адвокатската комора.

    Според соопштението на Основниот кривичен суд, настојувањето било денеска да се одложи рочиштето и да истечат тие 60 дена без процесно дејствие, со што судењето би се вратило на почеток. Тука не важат 90 дена, туку 60, зашто „Монструм“ се суди по стариот Закон за кривична постапка.

    А 60 дена немаше рочишта, зашто адвокатот Асмир Алиспахиќ 40 дена беше отсутен. Во меѓувреме, се заразил од коронавирус.

    „Во однос на денешната главна расправа за предметот со КОК бр. 66/17 познат како „Монструм“ ја информираме јавноста дека судот се соочи со недолично и недозволено однесување на дел од бранителите во постапката кое единствено оди на штета на обвинетите и оштетените во предметот. Имено откако до судот беше доставено решение со кое е утврдено дека бранителот Асмир Алиспахиќ е позитивен на вирусот Ковид – 19, а на сите расправи насрочени во претходните 40 дена беше отсутен од други причини, судот му предложи на адвокатот Насер Рауфи, кој нема спротиставена одбрана со другите бранители, да го замени отсутниот колега – адвокат. Но барањето беше одбиено. Дополнително беше предложено, ако расправата се одложи, на следната расправа судењето формално да почне од почеток, заради проток од 60 дена, само со читање на досега изведените докази, но
    и тој предлог наиде на несогласување. Адвокатите без дозвола од судот и без какво било оправдување, ја напуштија судницата“, соопшти Основниот кривичен суд.

    Заради целисходност на постапката, доследно почитување на начелото за судење во разумен рок, заштита на правата на оштетените и на обвинетите на кои им е определна мерка притвор и други мерки за обезбедување присуство, но пред се заради сензибилноста и комплексноста на предметот и барање на правда, судот донесе решенија со кои на сите обвинети, за денешната расправа им се определуваат адвокати по службена должност. Со тоа, судењето ќе продолжи без непотребни одолговлекувања.

    Денешното судско рочиште продолжи со адвокати по службена должност. Се читаше материјален доказ – вештачење, а наредното судење е закажано за 24 декември.

    „Ја информираме јавноста дека во услови на пандемија судот ги прави сите напори за континуитет на конкретниот судски процес и редовно и транспарентно известување на јавноста, а за денешното однесување на адвокатите судот донесе решенија со кое ги казнува согласно член 75 ст.1 ЗКП и за одлуката ќе ја извести и Адвокатската комора на РСМ“, вели Кривичниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира