НЕВАКЦИНИРАНО 11-МЕСЕЧНО ДЕТЕ СО МАЛИ СИПАНИЦИ ПРИМЕНО НА ИНФЕКТИВНА, МВР ПОСТАПУВА ПО НАРЕДБАТА НА ОЈО ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОГРЕШНИТЕ ЛЕПЕНКИ НА ВАКЦИНИТЕ, ВЕЛИ СПАСОВСКИ

    НЕВАКЦИНИРАНО 11-МЕСЕЧНО ДЕТЕ СО МАЛИ СИПАНИЦИ ПРИМЕНО НА ИНФЕКТИВНА, МВР ПОСТАПУВА ПО НАРЕДБАТА НА ОЈО ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОГРЕШНИТЕ ЛЕПЕНКИ НА ВАКЦИНИТЕ, ВЕЛИ СПАСОВСКИТри невакцинирани деца и еден возрасен со непознат вакцинален статус се прегледани на Клиниката за инфективни болести со симптоми на мали сипаници (Фото: СДК.МК)

    На Клиниката за инфективни болести во текот на последното деноноќие прегледани се четворица новозаболени со мали сипаници, од кои на лекување е задржано невакцинирано 11-месечно дете од Општина Кисела Вода.

    „Детето не било вакцинирано. Останатите пациенти биле амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување меѓу кои се две деца на возарст од 2,5 години, од кои едното од Општина Ѓорче Петров, а другото од Општина Кисела Вода. И овие деца не биле вакцинирани против морбили. Четвртиот пациент е на возраст од 30 години со непознат вакцинален статус“, велат од Министерство за здравство.

    Во пунктовите за вакцниација до 13 часот со МРП (морбили, рубеола, паротит) вакцината биле вакцинирани 124 деца, а од почетокот на епидемијата досега вкупно се вакцинирани 4.970 деца.

    Од Министерството за здравство апелираат противепидемиските мерки да се сфатат сериозно и да се применуваат без отстапки. Родителите, ако се посомневаат дека нивното дете има сипаници, прво да се обратат кај матичен лекар или во дежурните педијатриски пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит Пазар„ и „Ѓорче Петров“ во Скопје, а ако има потреба лекарот да ги препрати на Клиниката за инфективни болести.

    Од Министерството повторно апелираат и возрасните и децата да се вакцинираат, дека вакцините се квалитетни и безбедни.

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) вчера доцна попладне соопшти дека отворило предмет по допрен глас за погрешните лепенки на дел од вакцините за МРП, кои Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) ги пронајде во вакциналните пунктови низ цела земја. Од ОЈО велат дека Бирото за јавна безбедност при МВР добило наредба да направи контрола кај дистрибутерот на вакцините за целокупната документација околу етикетирањето на вакцините, како и да направи контрола во МАЛМЕД за спроведените контроли и обезбедените документи и докази, како и контрола во Министерството за здравство.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес рече дека вчера ја добиле наредбата од Основното јавно обвинителство и дека веднаш постапиле по неа.

    „Да, отворена е истрагата од ОЈО. Вчера ги добивме наредбите и Министерството веднаш постапува по наредбите кои сме ги добиле за наводите кои треба да ги обезбедиме како документација, како докази од институциите“, рече Спасовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира