НЕЗАДОВОЛИТЕЛНА ХИГИЕНА ЗАТЕКНАЛЕ ИНСПЕKТОРИТЕ НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА ПРИ ВОНРЕДНИОТ НАДЗОР ПО НАЛОГ НА ТАРАВАРИ

    НЕЗАДОВОЛИТЕЛНА ХИГИЕНА ЗАТЕКНАЛЕ ИНСПЕKТОРИТЕ НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА ПРИ ВОНРЕДНИОТ НАДЗОР ПО НАЛОГ НА ТАРАВАРИМинистерот за здравство Арбен Таравари најави инспекциски надзори во скопските клиники ќе продолжат и за викендот, како и следната недела. (архивска фотографија)

    Незадоволителна санитарно-хигиенска состојба вчеравечер констатирале инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат на клиниките за Гинекологија и Трауматологиja на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. На Клиниката за гинекологија и акушерство, освен несоодветна хигиенска состојба инспекторите утврдиле и дека медицинскиот отпад не се селектира согласно прописите.

    Министерството за здравство информираше дека синоќа, по налог на министерот за здравство Арбен Таравари, направен е вонреден инспекциски надзор на четири клиники.
    „Вонредниот инспекциски надзор го направија инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од кабинетот на министерот Таравари во Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, Трауматологија, Ортопедија и Институт за белодробни заболувања и туберкулоза“, велат од Министерство за здравство.

    При надзорот, инспекторите проверувале дали има континуитет во одржување на општите санитарно-хигиенски и санитарно-технички услови во објектот, дали се почитува работното време, дали има покриеност на приемните амбуланти за итни случаи.
    „Се проверуваше дали се почитува Законот за заштита од пушење, а по случаен избор контактирани се и пациенти да се провери дали здравствените работници имаат етички и професионален однос“, велат од Министерството за здравство.

    Инспекторите утврдиле дека Законот за заштита од пушење на сите четири клиники се почитува, односно не утврдиле прекршувања на овие законски одредби.
    „Во Ургентниот центар, на Ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, според инспекцискиот надзор општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството додаваат дека веднаш ќе преземaт мерки за отстранување на недостатоцитe, но што точно ќе преземат ќе соопштат дополнително, бидејќи ќе има и казни за одговорните во клиниките каде се утврдени неправилности.
    „Ненајавените инспекциски надзори во скопските клиники ќе продолжат и за викендот, како и следната недела. Предвидено е да се изврши надзор во сите универзитетски клиники и во другите јавни здравствени установи во земјата. Целта е одблиску да се увиди состојбата во установите и за да донесеме конкретни мерки, ако се воочат определени недостатоци“, рече министерот Таравари

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира