НЕЗАВИСНИТЕ ЛИСТИ ЌЕ ТРЕБА ДА СОБЕРАТ ПОТПИСИ ОД 2 ОТСТО ОД ИЗБИРАЧИТЕ ВО ОПШТИНАТА ИЛИ ГРАД СКОПЈЕ ЗА ДА УЧЕСТВУВААТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, НАЈАВИ ЗАЕВ

    НЕЗАВИСНИТЕ ЛИСТИ ЌЕ ТРЕБА ДА СОБЕРАТ ПОТПИСИ ОД 2 ОТСТО ОД ИЗБИРАЧИТЕ ВО ОПШТИНАТА ИЛИ ГРАД СКОПЈЕ ЗА ДА УЧЕСТВУВААТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, НАЈАВИ ЗАЕВЗа датумот на одржување на локалните избори, Заев рече дека останува ист, односно 17 октомври. (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Зоран Заев најави дека независните листи со кандидати за советници за да учествуваат на локалните избори наесен ќе треба да соберат потписи од 2 отсто од избирачите од општината или Градот Скопје, според договорените измени на Изборниот законик, кои наскоро треба да влезат во собраниска процедура.

    „Во општина со 50.000 избирачи треба да се соберат 1.000 потписи, а 1.500 гласа треба за советник да се избере, што значи умерено извлечена е паралела. Не се работи за договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку во изработка на предлог-законот учествуваа сите политички партии, и Алијанса за Албанците и Левица. На крајот, законот се носи во Собранието и таму може да се отвори дебата, што е сосема легитимно“, кажа Заев, одговарајќи на новинарско прашање на денешното пуштање во употреба на нова градинка во скопско Стајковци.

    Според ова што го најави премиерот, за кандидатура на независна листа во Град Скопје ќе треба да се соберат над 9 илјади потписи, а за кандидатура во Општина Центар ќе треба да се соберат нешто над 800 потписи.

    За споредба, според сè уште актуелното законско решение, за кандидатура на независна листа во Град Скопје се потребни 1.000 потписи, а во Општина Центар се потребни 350 потписи.

    Заев вели дека при изработка на овие законски измени се почитувани сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот за поднесување потписи за независни листи.

    За датумот на одржување на локалните избори, Заев рече дека останува ист, односно 17 октомври.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира