НЕЗАВИСНИТЕ СО 56 ИЛЈАДИ ГЛАСОВИ ИЗБИЈА КАКО ЧЕТВРТА ПОЛИТИЧКА СИЛА НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    НЕЗАВИСНИТЕ СО 56 ИЛЈАДИ ГЛАСОВИ ИЗБИЈА КАКО ЧЕТВРТА ПОЛИТИЧКА СИЛА НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИБитолските кандидати за советници на „Поинаку“ се сликаа на неизграден базен што требаше да се отвори пред 2 години откако ги собраа потписите за учество на локалните избори, на 26 август. - Поинаку ќе има тројца советници во Општина Битола (Фото: Фејсбук)

    На локалните избори учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини, кои вкупно собраа 56 илјади гласови, со што излегоа како четврта политичка сила. Повеќе гласови имаат само ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива има исто гласови, а помалку имаат Левица (49 илјади), Беса (25 илјади), коалицијата ЛДП/ДОМ (22 илјади) и останатите помали политички партии кои учествуваа самостојно на изборите.

    Во овие пресметки не се влезени гласовите од изборите за советници во Град Скопје, каде што независната листа „Зелен хуман град“ освои 9 илјади гласови.

    Најмногу гласови од независните советнички листи освои „Наше Куманово“, предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Листата, поддржана од независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, освои 10.267 гласови во Куманово, или 22,2 отсто од гласовите.

    Во Битола, независната листа „Поинаку“, предводена од Габриела Илиевска, освои 4.331 глас, или 9,45 отсто од гласовите. Во Центар, независната листа „Шанса за Центар“, предводена од Јана Белчева Андреевска, освои 2.517 гласови, или 11,78 отсто од гласовите.

    Во Карпош, независната листа „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“ , предводена од Невена Георгиевска, освои 2.280 гласови, или 7,9 отсто од гласовите. Во Тетово, независната листа „Подобро за Тетово“, предводена од Хамди Сулејмани, освои 2.842 гласови, или 7,4 отсто од гласовите.

    Независната група „Стига е“ за борба против рудници во Југоистокот освои вкупно 1.989 гласови и по едно советничко место во Советите во Босилово, Ново Село и Струмица.

    Најмногу независни листи имаше во Кавадарци и Македонски Брод, по 5, а процентуално, најмногу гласови независните листи освоија во Чучер-Сандево, каде што 4 независни листи вкупно собраа 30,5 отсто од гласовите.

    Пред изборите, големите партии предложија измени на Изборниот законик со кои се предвидуваше зголемување на прагот за собирање потписи за учество на независни кандидати на локалните избори, но по реакциите во јавноста, предлогот не беше усвоен во Собранието.

    Вчера, ден по изборите, набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР укажаа дека и актуелното законско решение за бројот на потребни потписи не е адекватно.

    „Бројот на потписи потребен за независните кандидати го отежнува учеството на нови луѓе на изборите. Препораката за сеопфатна ревизија на изборната рамка е сè уште неодговорена и неопходен е посеопфатен процес за понатаму“, рекоа од ОБСЕ/ОДИХР.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира