Образложувајќи го заклучокот на Советот за национална безбедност дека нема потреба од прогласување вонредна состојба за да се спречи ширењето на коронавирусот, претседателот Стево Пендаровски рече дека е сосема небитно како се нарекува состојбата од аспект на ефектите што сакаме да ги постигнеме. Според анализите на кабинетот Пендаровски, досегашните мерки на Владата се многу поригорозни од мерките воведени во соседните земји, кои веќе прогласија вонредна состојба.
„Сосема е небитно од аспект на ефектите кои што сакаме да ги постигнеме или веќе ги постигнуваме, како ќе ја наречеме состојбата. Споредувавме во кабинетот што содржат прогласените вонредни состојби во соседните земји, од Бугарија преку Србија, Косово и Албанија, ние во многу ги надминуваме во ригорозност, доследност и консеквентност мерките кои се преземаат во сите тие држави, а тоа кај нив се нарекува вонредна состојба. Можно е во и во оваа правна рамка во која сме денеска да се донесат дополнителни рестриктивни мерки за ограничување на движењето на граѓаните. Можно е на пример Владата без да прогласи вонредна состојба да го ограничи движењето на граѓаните од една во друга опшинат. Не би се врзувал за името какво е на состојбата. Битно е што досегашните мерки се прилично ригидни за спречување на ширењето на епидемијата и тоа е проценето од меѓународните фактори како ефикасно“, кажа Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање по состанокот на Советот за национална безбедност.
Тој даде и негово лично мислење за прогласување на вонредната состојба од правен аспект:
„Вонредната состојба во нашата земја е објаснета во само еден член од Уставот и според мене тоа не е доволно. Ние немаме Закон за вонредна состојба. Тоа значи дека Владата управува со Уредби со законска сила и тоа е давање прилично широко дискреционо овластување на Владата да биде и извршител и законодавец“.