Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски на митингот во Крушево, од каде што ја почна изборната кампања, рече дека нивната опција е интеграција во ЕУ, а неговиот конкурент е за изолација. Пендаровски, зборувајќи за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, кажа дека политичката гарнитура која ја поддржува е против Рамковниот и Преспанскиот договор и дека со тоа тие се против НАТО и Европската Унија.
„Нашата опција е само напред. Нивната е назад. Тоа не смееме да го дозволиме. И нема подобра опција од интеграцијата во ЕУ. Ако некој мисли дека со изолација економијата ќе цвета се лаже, или лаже. Се разликуваме како небо и земја, затоа повикувам на максимална мобилизација и излезност на изборите“, изјави Пендаровски во Крушево.
Тој рече и дека за првпат во историјата на нашата држава зад еден кандидат пред претседателските избори застанале 31 партија и над 30 илјади граѓани од сите етнички заедници.
Претседателските избори ќе се одржат на 21 април и 5 мај.