НИЕДНИ ПАРИ НЕМА ДА ГИ ВРАТАТ ПОЧИНАТИТЕ, НО СЕМЕЈСТВАТА И ОНКОЛОШКИТЕ ПАЦИЕНТИ ТРЕБА ДА БИДАТ ОБЕСШТЕТЕНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ ВО СЛУЧАЈОТ „ОНКОЛОГИЈА“, ВЕЛИ МАРЈАНОВИЌ ОД „ХЕМАОНКО“

    НИЕДНИ ПАРИ НЕМА ДА ГИ ВРАТАТ ПОЧИНАТИТЕ, НО СЕМЕЈСТВАТА И ОНКОЛОШКИТЕ ПАЦИЕНТИ ТРЕБА ДА БИДАТ ОБЕСШТЕТЕНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ ВО СЛУЧАЈОТ „ОНКОЛОГИЈА“, ВЕЛИ МАРЈАНОВИЌ ОД „ХЕМАОНКО“„Сметаме дека е потребна оштета, за да се даде една завршница и да знаете дека немате вина, дека сте направиле сè за вас самите или за некој блиозк, но овие луѓе треба да бидат компензирани“, рече Марјановиќ. (Фото: Принтскрин од видео)

    „Без разлика кој и да направил некаков криминал, нашиот став е ист, како и пред две години кога се дозна за оваа афера со злоупотреби на Клиниката за онкологија. Мора да се плати, мора да има последици и да се научи дека никогаш повеќе нема да се повтори“, рече Ана Марјановиќ, онколошка пациентка и членка на Здружението „Хемаонко“.

    Поранешните директори на Клиниката за радиологија и онкологија, медицинскиот Нино Васев и организацискиот Нехат Нухи се обвинети во две обвиненија во предметот на Основното јавно обвинителство „Онкологија“. Меѓу обвинетите во второто обвинение има уште тројца лекари онколози од Клиниката. Обвиненијата се поднесени до Основниот кривичен суд Скопје. Тие се обвинети за злоупотреби со скапа терапија и тешки дела против здравјето на луѓето, а Васев и Нухи се во куќен притвор.

    Марјановиќ и Ангелика Колева, претставнички на неформалната организација која ги застапува онколошките пациенти, денеска се сретнаа со основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје Гаврил Бубевски и надлежниот јавен обвинител во предметот „Онкологија“ Ана Гоговска-Јакимовска, за да ги информираат за деталите од поднесените обвиненија.

    „Со оглед на тоа што со овој предмет се испитуваше и се дојде до основано сомнение за повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во текот на целата постапка се грижеше да обезбеди максимална транспарентност и отчетност особено во однос на пациентите“, велат од ОЈО.

    Од ОЈО соопштија дека претставниците на организацијата биле информирани оти во текот на истрагата беа прегледани медицинските досиеја на сите онколошки пациенти кои примале биолошка терапија за период од 5 години – од 1 јануари 2018 до 31 декември 2022, при што технички советници на истрагата ги издвоија историите со одредени сомненија за начинот на третирање. Од сите прегледани истории, 65 беа издвоени, испратени и анализирани од вештите лица во Словенија и Србија. Словенечките експерти потврдија несоодветно лекување кај 29, а српските кај дополнителни 18 пациенти. Нивните наоди беа основ за поднесените обвиненија.

    Марјановиќ кажа дека биле информирани оти сите, и семејствата на починатите пациенти чии што истории се дел од истрагата, како и пациентите кои примале или требало да примаат терапија, ќе бидат контактирани од Обвинителството. Таа рече дека нема информација со каков тип рак биле пациените во чии истории се пронајдени недоследности во лекувањето, но најчесто биолошка терапија се дава во одредена фаза на лекување кај пациенти со рак на дојка, на бели дробови, на дигестивниот тракт.

    „На таа Клиника се оди за да си го продолжите животот, за ден плус. Ниедни пари нема да ги вратат починатите или здравјето на пациентите, но ние сметаме дека пациентите и семејствата на починатите треба да добијат оштета. За да се даде една завршница и да знаете дека немате вина, дека сте направиле сè за вас самите или за некој блиозк, но овие луѓе треба да бидат компензирани“, рече Марјановиќ.

    На 23 мај, скопскиот Кривичен суд досуди куќен притвор за двајцата обвинети во случајот „Онкологија“, поранешниот медицински директор Нино Васев, и организацискиот Нехат Нухи на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија поради опасност од бегство.

    Првото обвинение, кое се однесува на економското работење на Клиниката опфаќа две лица. Васев и Нухи се обвинети за продолжени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата и Проневера во службата. Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.

    Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале незаконски обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин.

    Исто така, двајцата се обвинети и за измама во службата, како и за проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требувана количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира