НИКАДЕ НЕ ВЕЛАМ ДЕКА ПЕТКОВ НОСЕЛ РЕШЕНИЈА РАЗЛИЧНИ ОД ПОЗНАТИТЕ ДОКУМЕНТИ ЗА МАКЕДОНИЈА, КАЖА ГЕНЧОВСКА ПРЕД БУГАРСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ

    НИКАДЕ НЕ ВЕЛАМ ДЕКА ПЕТКОВ НОСЕЛ РЕШЕНИЈА РАЗЛИЧНИ ОД ПОЗНАТИТЕ ДОКУМЕНТИ ЗА МАКЕДОНИЈА, КАЖА ГЕНЧОВСКА ПРЕД БУГАРСКИТЕ ПРАТЕНИЦИГенчовска на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје на 4 февруари. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бугарската министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска рече дека премиерот Кирил Петков не носел решенија различни од познатите документи со бугарските позиции за Македонија, одговарајќи на пратеничко прашање денеска во бугарскиот парламент. Таа претходно кажа дека советник на Петков до нејзиното министерство испратил проект за ревизија на бугарската позиција кон Македонија, во кој не фигурира бугарската позиција за, како што кажа Генчовска, таканаречениот македонски јазик. Генчовска додаде дека нејзиното министерство го отфрлило проектот.

    „На 5 јуни годинава, советникот на надворешна политика на премиерот испрати свој проект за актуелизација на рамковната позиција. Содржината предвидува ревизија на бугарската национална позиција. Во таа нова рамковна позиција не фигурира бугарската позиција за таканаречениот македонски јазик“, кажа Генчовска во бугарскиот парламент.

    Но, подоцна на заседанието, на прашање од пратеникот Христо Иванов од Демократска Бугарија, таа одговори: „Никаде не кажувам дека премиерот носел решенија различни од познатите документи за Република Северна Македонија“.

    Станува збор за Рамковната позиција на Бугарија од октомври 2019, поткрепена од декларација на Народното собранието од истиот месец, кои содржат услови за Македонија кои задираат во историјата и идентитетот на државата и граѓаните.

    По настапот на Генчовска во парламентот, лидерот на Има таков народ (ИТН) Слави Трифонов напиша на Фејсбук дека станало јасно зошто ја напуштил владејачката коалиција и го обвини Петков дека прави национално предавство.

    „Денес имаше заседание на Народното собрание. На него излезе голата вистина. Вистината дека премиерот на Бугарија учествувал активно во разговори со странски дипломати со една едиствена цел – национално предавство. Предавство кон Бугарија и сите Бугари“, вели Трифонов.

    Трифонов вели дека Петков им ветувал на странските дипломати дека Бугарија ќе го крене ветото за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Македонија до крајот на претседателството на Франција.

    Генчовска е една од четворицата министри на ИТН во владата на Петков.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира