НИКОЈ НЕ ПРАШУВА КАКВА Е ВАКЦИНАТА КОГА ТРЕБА ДА СЕ ПАТУВА НА МАЛДИВИ, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА ЗА НИСКИОТ ОПФАТ СО ВАКЦИНАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

    НИКОЈ НЕ ПРАШУВА КАКВА Е ВАКЦИНАТА КОГА ТРЕБА ДА СЕ ПАТУВА НА МАЛДИВИ, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА ЗА НИСКИОТ ОПФАТ СО ВАКЦИНАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈАД-р Грозданова и д-р Мехмедовиќ на денешниот брифинг за вакцинацијата во земјава. (Фото: МИА)

    Препорачаниот опфат над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјава, рекоа денеска националната координаторка за имунизација проф. д-р. Александра Грозданова и д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести, на брифингот насловен „Редовна вакцинација на децата – факти и дезинформации“. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – хепатитис Б (ХепБ), Хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини.

    Опфатот со МРП вакцина бележи благо зголемување во однос на 2021 (70,4 отсто) и во земјава во 2022 е 70,7 отсто, а со ревакцинација е 89, 32 отсто, и сѐ уште е со низок опфат. Професорката Грозданова потсети дека во Македонија на крај на декември 2018 се појави првиот случај на морбили, а во 2019 во февруари беше прогласена епидемија со морбили, при недоволен опфат на вакцинирани деца.

    „Во следните шест месеци беа даде речиси 42 илјади МРП вакцини на деца до 14 години. На најголем дел од родителите, грижата околу вакцината им е поради страв од аутизам. Ние немаме антиваксери, ние имаме збунети родители. Па дали има подобар аргумент дека од тие 42 илјади деца, кај ниту едно не се појави форма на аутизам?’, кажа таа.

    Таа вели дела благодарение на вакцинацијата во овој период не се појавени нови епидемии со морбили, но искрено, рече, загрижуваат податоците околу вакцинираноста.

    „Во 2022 и 2023 веќе има зголемување на падот на вакцинираноста. Се надевам дека апелите ќе стигнат до родителите. Бидејќи во моментот кога ќе се намали опфатот, ризикот за појава на морбили е исклучително висок“, кажа проф. д-р Грозданова.

    Таа даде и други примери околу скепсата за квалитетот на вакцините, како на пример: „Имаме здравствени работници кои треба одат да работат во странство и за два месеца треба да примат 10 вакцини. Кај работеле дотогаш како здравствени работници? Исто така, кај многу често се случува да кажат немате вакцини за жолта треска. Тогаш никој не прашува каков е квалитетот на вакцината за жолта треска, бидејќи треба на Малдиви да се патува. Кога студентите се запишуват на студии надвор, примаат по 4-5 вакцини за три месеци, затоа што тие универзитети таму ги бараат тие вакцини, а нашата држава во континуитет ги обезбедува“.

    Според д-р Мехмедовиќ, процентот на вакцинирани со неколку вакцини задолжителни за деца е со мал опфат во Куманово, но 60 проценти е вакцинацијата со ХПВ вакцината, што пак во Скопје е само 13 проценти.

    (Извор: Фондација Метаморфозис)

    Анализата кои ја претставија докторите, ја направија Метаморфозис фондација за интернет и општество како дел од проектот на УСАИД И УНИЦЕФ, во соработка со Министерството за здравство.

    „Згрижува фактот што на одредени територии, на како што се Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје, Тетово, Битола и Струмица, за поедини вакцини се регистрира опфат понизок и од 70 отсто. На територијата на Куманово, за примовакцинација со хепатитис Б, грип, ДиТеПер/ОПВ се регистрита опфат од 53, 7 отсто, а со вакцинација само 40, 3 отсто“, стои меѓудругото во анализата.

    Здравствените власти апелираат дека е потребно службите за вакцинација да ги бараат и најдат неевидентираните, невакцинраните и нецелосно вакцинираните лица и веднаш да бидат повикани во вакциналните пункови. Интензивна кампања, потенцираат, е потребна во Куманово, Скопје, Тетово, Битола и во Струмица.

    За значењето на вакцините говореа и Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, која кажа дека новите генерации ја чувствуваат користа, бидејќи претходните генерации редовно се вакцинирале и се искорениле болести што можат да доведат до смрт, како и Бојан Кордалов, виш комуникациски специјалист, за тоа колку е важно да се спречат лажните вести и ненаучните информации околу вакцинацијата, затоа што предизвикуваат страв и низок опфат со вакцинирање.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира