Ниту еден македонски државјанин кој се наоѓа во Либан, до сега не побарал помош по вчерашната експлозија во главниот град Бејрут, соопштија од Министерството за надворешни работи.
„Министерството преку дипломатски канали ги презема сите неопходни мерки и активности за добивање на соодветни информации поврзани со нашите државјани кои би можеле да бидат засегнати од вчерашната несреќа во Либан“, велат од МНР.
Од таму информираат дека македонските државјани кои се наоѓаат во Либан доколку им е потреба помош или какви било информации можат да се јават на дежурниот сервис во МНР на телефонскиот број +389 75 273 732. Покрај на дежурниот број можат да се обратат и на останатите Глобал СОС телефони во следниве дипломатски претставништва на Република Северна Македонија: Анкара +90 539 456 97 10, Истанбул +90 545 614 97 77, Доха +974 665 979 44, Каиро +201002898673, Абу Даби +971 564 417 552. Сите овие броеви се достапни и на апликациите Вибер и Ватсап.
Како што соопштија денеска од Министерството за одбрана безбедни се и македонските војници кои се наоѓаат во мисија на ОН во Либан. Сите тројца припадници на Армијата се на сигурни локации надвор од Бејрут.
А. АНТЕВСКА