НИТУ ЕДЕН ОДГОВОРЕН ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ НЕ СМЕЕ ДА ГИ ИЗБЕГНЕ ПРАВДАТА И КАЗНАТА, КАЖА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА

    НИТУ ЕДЕН ОДГОВОРЕН ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ НЕ СМЕЕ ДА ГИ ИЗБЕГНЕ ПРАВДАТА И КАЗНАТА, КАЖА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВАСилјановска-Давкова им се заблагодари на земјите од регионот кои веднаш реагираа и понудија помош за Македонија (Фото: СДК.МК)

    Ниту еден одговорен не смее да ги избегне правдата и казната по ужасната трагедија во Кочани, за која сѐ уште не можам да поверувам дека е реалност, кажа претседателката Гордана Силјановска-Давкова во своето обраќање. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ утринава загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, главнината од Кочани.

    Таа притоа нагласи дека веќе никогаш не смееме да ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето заради профитот и богатството на поединците.

    Да се сплотиме во болката, свесни дека смртта и болеста еднакво нѐ допираат сите. Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна поради самоволие, имровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овојпат не смее да ги избегне правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите, да ги здружиме силите околу преживеаните и да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето заради профитот и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот живот“, кажа Силјановска-Давкова.

    Таа им се заблагодари на земјите од регионот што веднаш реагираа и понудија помош за Македонија.

    Знам и чувствувам дека не сме сами оти веднаш се огласија не само соседите, туку и подалечните држави. Најтешко повредените се превезуваат во специјализирани клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција. Добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин и вечно ќе им бидеме благодарни“, додаде таа.

    Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедијата во Кочани, и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“, се вели во соопштението по вонредната владина седница. Го задолжи и Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на земјава и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, „за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата“.

    Дискотеката „Пулс“ работела со фалсификувана лиценца, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој кажа дека една година дискотеката немала лиценца и таа работела и поради мито и корупција.

    „Осомничени се повеќе од 20-тина лица, околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Дел од приведените се луѓе кои имаат дирекна вина за овој кривично-правен настан, односно приведено е едно лице кое е организатор и имаме сомнение дека има директна вина. Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, раководител на сектор во ова Министерството, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и тројца вработени“, рече Тошковски и кажа дека лицата по кои беше издадена потерница се најдени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира