НОРВЕШКА БАРА ПРАТЕНИК НА ВМРО-ДПМНЕ ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА ЛАГИТЕ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ХИРУРШКИ ТИМ ВО НАТО

    НОРВЕШКА БАРА ПРАТЕНИК НА ВМРО-ДПМНЕ ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА ЛАГИТЕ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ХИРУРШКИ ТИМ ВО НАТОПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, кој тврдеше дека македонскиот хируршки тим во НАТО бил неспособен. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт, вели дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски излажал дека предводникот на македонскиот хируршки тим во НАТО не знае да изврши основни хируршки операции и одбива јавно да се извини за изнесените невистини.

    Стојаноски пред два дена од собраниската говорница кажа дека во извештај на норвешки воени експерти е оценето дека македонскиот хируршки тим не може сам да ги извршува своите должности и дека македонскиот главен хирург не знае да изврши основни хируршки операции.

    „Има многу проблеми во неговата изјава. Прво, нема таков извештај, и ако го имаше, можам да ве уверам дека чувствителните воени извештаи во норвешката армија не се достапни на други, освен на оние кои треба да ги знаат“, вели во соопштение потполковникот Егил Далтвејт.

    Аташето објаснува дека ако обвинувањата на Стојаноски биле точни, македонскиот тим немаше да биде на должност во Кабул, одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно и го прекорува Стојановки:

    „Изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона, кој ѝ служи на својата земја и на нашата Алијанса, од безбедна и привилегирана позиција како пратеник во македонскиот Парламент, според мене како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо“.

    Потполковникот Далтвејт вели дека побарал од Стојаноски јавно да се извини, но добил мејл од пратеникот дека медиумите биле криви, а не тој.

    „За жал, јавно извинување немаше. Тој само ми испрати мејл во кој ги обвини медиумите за она што го кажал, како тој самиот да не е одговорен за своите зборови. И тој само ми се извини што ги повредил моите чувства. Тој не им се извини јавно на членовите на службата што ги навреди, ниту на Норвешка и на норвешката војска. Затоа, ја давам оваа изјава за да ги изнесам фактите во јавноста“, вели Далтвејт..

    Македонскиот хируршки тим е интегриран во теренската болница предводена од Норвешка во Кабул, Авганистан, како дел од операцијата „Одлучна поддршка”, Мисија на НАТО.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира