„НОСЕТЕ СИ ГО СО ВАШЕ ВОЗИЛО, НЕ Е МОЈА ОДГОВОРНОСТ ТОА”, ИМ ОДГОВОРИЛ ПОЛИЦАЕЦ ПРЕД „ПУЛС” НА ИЗГОРЕНИ ДЕЦА КОИ ГО ЗАМОЛИЛЕ ЗА ПОМОШ

    „НОСЕТЕ СИ ГО СО ВАШЕ ВОЗИЛО, НЕ Е МОЈА ОДГОВОРНОСТ ТОА”, ИМ ОДГОВОРИЛ ПОЛИЦАЕЦ ПРЕД „ПУЛС” НА ИЗГОРЕНИ ДЕЦА КОИ ГО ЗАМОЛИЛЕ ЗА ПОМОШДенеска на судењето се читаа исказите на недостапните сведоци Дарио Трифунов и Александра Пепеларовска, кои се во странство. (Фото: СДК.МК)

    Адвокатката на првообвинетиот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс” Дејан Јованов, на денешното судско рочиште побара јавноста да биде исклучена откако родителите на загинатите 63 млади луѓе и деца минатиот пат извикаа: „Пуштете го газда Деко, ние ќе му пресудиме”, откако адвокатката пак побара тој да биде пуштен од притвор. 

    Адвокатката се побуни и што тоа не влегло во записникот од судењето.

    Судијката Дијана Груевска-Илиевска кажа дека јавноста  нема да биде исклучена а ако има потреба, тоа би било со поединечни исклучувања, ако има потреба.

    Денеска се читаа исказите на недостапните сведоци Дарио Трифунов и Александра Пепеларовска, кои се во странство.

    Дарио кажува дека во „Пулс“ која се рекламирала како дискотека, а не како кабаре, одел и како малолетник. Имало многу малолетници, во Пулс се дилало дрога како што вели. Пред реновирањето имало плус две врати, а потоа само една за влез и излез. Противпожарни апарати сведокот не видел освен вечерта кога некој гасел со пп-апарат.

    Билетот за ДНК чинел 500 денари, фискална не добил. 

    „Кога ги зедовме картите, им ги дадовме на обезбедувањето. Тие не ги скинаа, само ги зедоа и ни ставија печати. Ги вратија на билетара. Често ги препродаваа”, кажал недостапниот Дарио во обвинителството.

    Полицијата влегла пред да се вклучат фонтаните од пиротехника. Тоа го снимил на телефонот  и снимката ја дал на  обвинителството.

    Овој сведок го снимил почетокот на пожарот и како почнало прво нешто да капе, да се топи плафонот. И тоа го снимил.

    Тој со друштвото излегол надвор, чекајќи да помине малиот пожар. Но, чекајќи гледал како излегуваат изгорени млади луѓе со стопени коси. Кога дошол негов другар со изгореници, полицаец им рекол: „Носете си го со ваше возило, не е моја одговорност тоа”.

    Сведокот не може да го препознае кој е полицаецот кој одбил да помага, и покрај болните крици од изгорените млади луѓе кои успевале да се извлечат од запаленото диско.

    Потоа се читаше изјавата пред обвинител и на Пепеларовска:

    „Сум се онесвестила во ходникот. Паднати бевме еден врз друг. Имаше четири деца до мене паднати едно врз друго. Мирисаше на изгорена пластика. Надвор имаше преполно комбе на брза помош. Имаше полиција, стоеја, не помагаа. Снемав кислород. Немаше кој да ми помогне. Рекоа болницата е преполна. Отидовме кај другарка ми. Тогаш почувствував дека ми е полошо. Ме однесоа во болницата, ми ставија инјекција. Ме однесоа во Скопје. Ми ги третираа раните. Завршив на КАРИЛ, снимките од крвта не ми беа добри. Ме префрлија во Истанбул. Таму една недела, па назад во Скопје на Пулмологија“.

    Судењето продолжува со сослушување на вештак од Институтот за судска медицина, кој треба да одговори на сите дополнителни прашања што произлегоа по минатото читање на обдукциите на сите 63 загинати лица и на медицинските извештаи на сите над 230 повредени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира