Тимот за интервентна кардиологија во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје за првпат во Македонија ја примени новата иновативна метода „корофлоу“ (CoroFlow), соопшти Министерството за здравство. Станува збор за нов систем што им овозможува на кардиолозите попрецизно да утврдат дали има нарушувања во циркулацијата на крвта во срцевиот мускул.
Од Болницата велат дека методата обезбедува подетална проценка на состојбата на коронарната микроциркулација, што овозможува попрецизна дијагностика и подобро планирање на третманот кај пациенти со срцеви заболувања, особено во случаи кога класичните дијагностички испитувања не ги откриваат причините за нивните симптоми.
„Воведувањето на ‘корофлоу’ претставува значаен исчекор во модернизацијата на кардиолошката дијагностика во земјава и ја потврдува определбата на домашните здравствени установи да ги следат најновите светски достигнувања во медицината“, вели Министерството.



