ОБРАЗОВАНИЕТО МОРА ДА СЕ ТЕМЕЛИ НА НАУКА, А НЕ НА ВЕРСКИ УБЕДУВАЊА, ХЕРА БАРА ВЛАСТИТЕ ЈАВНО ДА ОБЈАСНАТ СО КОИ АНАЛИЗИ ГО УКИНАА СЕКСУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

    ОБРАЗОВАНИЕТО МОРА ДА СЕ ТЕМЕЛИ НА НАУКА, А НЕ НА ВЕРСКИ УБЕДУВАЊА, ХЕРА БАРА ВЛАСТИТЕ ЈАВНО ДА ОБЈАСНАТ СО КОИ АНАЛИЗИ ГО УКИНАА СЕКСУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕМинистерството во септември ја повлече наставната програма за „Сеопфатно сексуално образование“, а на 7 октомври донесе нова, под името „Здравје и заштита на здравјето“. Новата програма задржува голем дел од истите содржини, но од неа е избришан зборот „род“ и поимите поврзани со него. (Фото: Архивска фотографија)

    Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА бара од Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието да ја преиспитаат ревидираната наставна програма и да ги вратат научно заснованите содржини и терминологија за родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, контрацепција и превенција од родово зановано насилство.

    Министерството во септември ја повлече наставната програма за „Сеопфатно сексуално образование“, а на 7 октомври донесе нова, под името „Здравје и заштита на здравјето“. Новата програма задржува голем дел од истите содржини, но од неа е избришан зборот „род“ и поимите поврзани со него.

    Од ХЕРА бараат од двете институции јавно да објаснат врз основа на кои стручни анализи и препораки се направени измените, кој учествувал во ревизијата и како бил проценет нивниот ефект врз учениците.

    „Ова не е само промена на зборови во наставна програма. Ова е одлука што може директно да влијае врз знаењето, здравјето и безбедноста на младите. Кога од образованието се отстрануваат научни поими и се ослабуваат содржините за превенција, децата не стануваат позаштитени. Напротив, им се одзема можноста навреме да научат како да препознаат насилство, да постават лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и да побараат помош кога им е потребна. Што значи ова во секојдневниот живот? Тоа значи дека девојче кое се соочува со контрола, притисок или насилство во врска може потешко да препознае дека таквото однесување не е нормално ниту прифатливо. Дека момче кое расте со пораки дека мора да биде доминантно и агресивно нема доволно можности критички да ги преиспита тие очекувања“, стои во реакцијата од ХЕРА.

    Асоцијацијата потенцира дека ниту еден од споменатите ризици не исчезнува ако зборовите се избришат од учебниците. Оттаму се оосбено загрижени што промените следуваат по јавните притисоци од верски и конзервативни кругови.

    Од ХЕРА потсетуваат дека 10 оттсо од децата на возраст од 12 до 17 години во  Македонија, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година. Од децата дури 8% биле изложени на сексуални слики, 5% добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4% биле уценувани дека нивни содржини ќе бидат распространети, а кај 3% такви содржини веќе биле споделени без нивна дозвола. Дополнително, во 78% од случаите сторителот е лице што детето го познава, а 52% од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи како Инстаграм, Снепчет,  ТикТок и ВатАп.

    „Во ваква реалност, поразително е што само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование. Податоците пак за сексуалното и репродуктивното здравје покажуваат дека само во 2024 година 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а во само еден месец беа регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ“, велат од ХЕРА.

    Институтот за родови студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) претходно реагираше дека со бришењето на зборот „род“ од новата наставна програма „Здравје и заштита на здравјето“ се прави сериозен научен, педагошки и правен пропуст. Оттаму предупредуваат дека не станува збор само за промена на терминологијата, туку за интервенција што може да го отежне разбирањето на родовата нееднаквост, дискриминацијата и родово базираното насилство.

    Од Институтот велат дека со ваквата промена се потиснува научно утврдена терминологија и се создава несогласување меѓу образовната програма, современите научни сознанија и законската терминологија што веќе се користи во Македонија. Затоа бараат програмата да се ревидира пред да почне нејзината примена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира