Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска на новинарско прашање кажа дека за десетина дена завршува истрагата за катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој загинаа 62 младинци и деца. Рече дека во моментов нема нови осомничени лица покрај оние 68 физички и три правни лица за кои беше известена јавноста.
Коцевски кажа дека во истрагата се сослушани над 300 лица.
„За десет дена треба да заврши истрагата, а кон средината на јуни, се очекува јавно обвинителска одлука. Во моментов се испрашуваат сведоци, осомничени, се прибираат докази. Распрашани се можеби над 300 лица“, рече тој.
Од 68-те осомничени, 13 се полициски службеници. Најголем дел се осомничени за дејствија извршени пред пожарот, а за дејства во време на пожарот од актуелни функционери осомничени се само двајца, градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов кој поднесе оставка на 17 март и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Џеват Селами. Дел од уапсените, меѓу кои и министерот Шабан Салиу, не е осомничен поради актуелната функција туку поради функцијата која ја вршел пред 2017.
Неописливата трагедија која два месеца ја држи Македонија во тага, се случи на 16 март по полноќ, кога на концерт на групата „ДНК“ беа употребени пиротехнички средства. Искрите го запалија плафонот, по што со секавична брзина дискотеката одвнатре обложена со лесно запаллив материјал, беше пеплосана, со 62 загинати од кои 6 деца и 200 повредени од кои 25 деца, главно со тешки изгореници и повреди од вдишување чад.
Дискотеката работела 2 години без лиценца, а тоа не го забележале Пазарната инспекција, кочанската и штипската полиција, предводени последнава година од ВМРО-ДПМНЕ, како и локалната самоуправа каде на власт е таа партија 4 години. Работела така со години и кога имала лиценца за работа, кога за среќа не избувнувале пожари и немало вакви катастрофи и трагедии од немерливи размери, поради што Обвинителството смета дека не треба да има амнестија за претходните.
Не се знае колкумина од осомничените ќе се најдат во обвинението. Ниту каде би се одржувало судењето, со оглед на тоа дека во Основниот суд Кочани нема услови за судење на десетици обвинети.
Родителите, семејствата и блиските на загинатите и повредените во катастрофата секоја аабота одржуваат протестен „Марш на ангелите“ барајќи правда и поголема помош од властите.
С. К. ДЕЛЕВСКА