ОБВИНЕТАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА

    ОБВИНЕТАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКАОд ДКСК на 21 јули рекоа дека нивната претседателка во изминатиот период не доаѓа на работа поради изречени мерки од надлежен суд. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска поднесе оставка од функцијата, соопштија од Собранието. Оставката следува само неколку дена откако Обвинителството на 18 јули поднесе обвинителен акт против неа за кривичните дела Оддавање службена тајна и за Компјутерски фалсификат.

    „Ве информираме дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, денес до Претседателот на Собранието, Африм Гаши, поднесе оставка од нејзината функција. Собранието ќе постапи согласно предвидените процедури и за истите благовремено ќе бидете информирани“, се вели во краткото соопштение од кабинетот на Гаши.

    Обвинението против Димитровска е поврзано со предметот „Адитив“, кој се однесува на набавка на адитиви вредна над 6 милиони евра за РЕК „Битола“. Акцијата за овој случај започна во ноември минатата година, а првоосомничен е поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој сѐ уште е во бегство.

    Од ДКСК на 21 јули рекоа дека нивната претседателка во изминатиот период не доаѓа на работа поради изречени мерки од надлежен суд.

    „Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, соопштија тогаш од Антикорупциска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира