ОБВИНЕТИ, ОСОМНИЧЕНИ И АМНЕСТИРАНИ ПРАТЕНИЦИ СЕ СОБРАА ДА РАСПРАВААТ ЗА БОРБА ПРОТИВ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА

    ОБВИНЕТИ, ОСОМНИЧЕНИ И АМНЕСТИРАНИ ПРАТЕНИЦИ СЕ СОБРАА ДА РАСПРАВААТ ЗА БОРБА ПРОТИВ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈАОбвинетите пратеници Фросина Ременски и Илија Димовски и осомничениот Антонијо Милошоски на денешната јавна расправа за состојбите во правосудството во Собранието. (Фото: К. Попов)

    На јавната расправа во Собранието за состојбите од правосудниот систем, а која треба да даде насоки за носење на Законот за Јавно обвинителство, во првите редови седнаа обвинетите пратеници Илија Димовски, Трајко Вељаноски, Ејуп Алими, Фросина Ременски, осомничениот Антонијо Милошоски и други.

    За тоа како треба да функционира борбата против криминалот и корупцијата придонес ќе даде и амнестираниот за отворањето на собраниските врати на 27 април, Крсто Мукоски, кој исто така на дојде на расправата.

    ВМРО-ДПМНЕ, која не сака да се донесе законот без да се затворат истрагите отворени од СЈО против бившите нејзини функционери, ја побара оваа јавна расправа. Таа не е условена да се одржи бидејќи предложениот закон е со европско знаменце и не дозволува јавна расправа за него. Затоа, ќе се зборува за тоа како да се справи државата со високиот криминал и корупција, што е клучно за нашите евроинтеграции, во една вооопштена рамка.

    Иако темата е воопштена, во салата „Борис Трајковски“ во Собранието нема игла каде да се фрли. Дојдоа и најголемите правни експерти во државата. Покрај министерката за правда, професорката Рената Дескоска, тука се и нејзините колеги професори Гордан Калајџиев, Гордана Силјановска, Светомир Шкариќ, академик Владо Камбовски, државниот обвинител Љубомир Јовески, неговата заменичка Лиле Спасова, обвинителката од Организиран криминал и корупција Гордана Смаќоска, а од поранешното СЈО дојде само Фатиме Фетаи. Тука се и претставници на американската амбасада

    Седницата ја води пратеникот Александар Кирацоски, кој беше на распит кај Вилма Рускоска за истрагата „Рекет“ во делот на Меѓународниот сојуз, но избегна обвинение.

    Тука се и пратеникот Џеват Адеми, за кого има истрага дали пукал на свадба, како и пратеникот Костадин Ацески, кој беше пријавен од сопругата за семејно насилство. На расправата е присутна и пратеничката Жаклина Пешевска, која беше притворена за 27 април, но потоа постапката против неа беше прекината поради немање докази. Пешевска е пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ која на снимите од 27 април 2017 се гледа како пречекува и прегрнува влезен демонстрант, веднаш откако Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги тргнаа безбедносните греди од собраниските врати и ја пуштија толпата насилно да влезе и да го искрши Собранието и да нападне пратеници.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари