ОБВИНЕТИОТ ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ, КОЈ НА СУДСКИОТ СОВЕТ МУ БЕГАШЕ ДВЕ ГОДИНИ, ПОКАЖА КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ЕДНО СУДЕЊЕ ДА ПОЧНЕ

    ОБВИНЕТИОТ ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ, КОЈ НА СУДСКИОТ СОВЕТ МУ БЕГАШЕ ДВЕ ГОДИНИ, ПОКАЖА КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ЕДНО СУДЕЊЕ ДА ПОЧНЕПоранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски паркиран на улицата Орце Николов во центарот на Скопје. (архивска фотографија)

    Судијата во Основниот кривичен суд Даниела Алексовска-Стојановска двапати за кратко го прекина денешното судско рочиште против поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, за да му ископира третина страна од доказот.

    Првин обвинетиот Вангеловски се пожали дека кога ги примил доказите, ги примил без последната страна. Побара да му биде доставена, судијката веднаш му направи копија.

    Потоа стана и пак приговараше.

    „Текстот е пресечен, фалат почетни букви или зборови во секој ред”, се побуни Вангеловски.

    Судијката му направи нова копија.

    Тамам да почне судењето во кое оштетена е неговата поранешна колешка и експретседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова, стана адвокатот на Вангеловски, бараше одлагање, зашто немал време да спреми одбрана. Доцна му биле дадени доказите против обвинетиот Вангеловски.

    Алексовска-Стојановска му кажа дека навреме бил известен да дојде да си изврши увид во доказите. Башка, тој ги добил сите страници, за разлика од клиентот и можел да му каже што имало на таа страница, ако веќе навистина се случил технички превид при доставата.

    На поплаките на адвокатот кој бараше одлагање зашто не можел да спреми одбрана, му кажа дека само 4 докази се на Обвинителството. Да читал по еден доказ дневно, за 4 дена тип-топ ќе ги проучел.

    Тамам овојпат конечно да почне судењето, адвокатот стана и побара изземање на судијката. Ја нарече пристрасна, не само дека мистериозно ја открила адресата на обвинетиот за да му испрати докази и покана за на суд, туку и дека тоа се случило летно време, кога се работат само итни предмети, што овој обвинителен предлог, рече тој, не е.

    Натаму, адвокатот кажа дека судијката била стручен соработник во Основниот кривичен суд Скопје, кога оштетената Неделкова била претседател, оти била и нејзин стручен соработник, па и од таа причина побара нејзино изземање.

    „Никогаш не сум била распоредена како стручен соработник на претседател на суд. И не знам од која причина одбраната се служи со невистини. Ова го кажувам за присутната јавност, јас секако ќе дадам изјава пред претседателот Иван Џолев, кој ќе одлучува за изземањето“, одговори судијката.

    Натаму, таа му кажа на Вангеловски дека само поканата му била доставена за време на летната ферија, но предметот не бил закажан тогаш, туку многу подоцна.

    Пред да биде разрешен Вангеловски, Судскиот совет 2 години не можеше да го најде и донесе на сослушување.

    Скопското јавно обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против поранешниот претседател на Врховниот суд Вангеловски за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2, зашто неправедно, само на неговата претходничка Лидија Неделкова ѝ ускратил додаток на платата, која за тој период одела на работа, наспроти неговите тврдења.

    За ова Неделкова му поднесе кривична пријава на Вангеловски.

    „На 30.11.2018 година, во својство на претседател на Врховниот суд обвинетиот донел поединечни решенија за сите судии на Врховниот суд со кои им го утврдил додатокот на плата за месец ноември во износ од 35 % од основната плата, кој согласно законот им следува за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост. Притоа, свесно, со намера потешко да и ги повреди правата, обвинетиот не донел Решение за исплата на додаток на плата во износ од 31.839,00 денари за оштетената – судија во Врховниот суд, која во конкретниот период не користела отсуство од работа. Обвинетиот постапил спротивно на член 7-б од Законот за платите на судиите и член 7 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судиите во Република Македонија донесен од Судскиот совет на Република Северна Македонија, со што го сторил кривичното дело кое му се става на товар“, стои во обвинението.

    По одлучувањето за изземање на судијката, судењето ќе продолжи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира