На 10 февруари, пред да ја пријави за семејно насилство на 192 откако ја истепал по глава и по бубрег, обвинетиот Стојанче Јовановски ја снима Ивана Стојаноска како стои во ходникот пред вратата на нивниот стан на „Митрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, од чиј балкон на 2 март таа скокна со својата мала ќерка Катја и загинаа. Видеоснимките се дел од материјалните докази на обвинителството, извлечени од телефонот на Стојанче.
Додека Ивана плаче со потечени очи и разговара со него, и е со прекрстени раце како да се брани, тој ја снима со мобилниот телефон.
Стојанче цело време ја снима со мобилниот и ѝ вели: „Тргни ми се Ивана“.
„Не ме удирај веќе“, се држи таа за главата и плаче.
„Добро, не те удирам веќе“, ѝ одговара Стојанче.
„Но зошто ме удри, ајде кажи ми“, прашува Ивана.
Стојанче се смее.
„Зошто ме удри“, упорно го прашува и плаче и се држи кај бубрезите, под слабината.
Тој се смее. Сака да излезе, левата рака му е зад главата на Ивана.
„Сега се јавив да те пријавам за семејно насилство. Ќе бегаш?“, вели Ивана.
„Кај те удрив“, прашува Стојанче.
„Кај ме удри? По глава ме удри. И овде“, одговара Ивана и покажува под слабината.
Стојанче ја имитира: „Ааа еве кај ме удри” и се смее. Ѝ вели смеејќи се: „Тргни се”.
„Не. Сега си пријавен и чекам“, му вели Ивана.
„Тргни ми се Ивана. Зошто лажеш дека си ме пријавила“, вели Стојанче.
„Зошто бегаш? Дрогата ти го исуши паметот Стојанче. Да. Ти го исуши“, вели Ивана.
„Жити се! Тебе ти го исушила“, и враќа Стојанче.
„Се утепа од дрогирање. Те фатија со дрога во гепек. Глумиш дека не е твоја. Никој не ти верува“, му вели Ивана додека стои на вратата.
Потоа тој продолжува да ја навредува со вулгарности.
Во друго видео Ивана и Стојанче се расправаат. Тој пак ја снима додека таа плаче и притоа се смее.
„Ме истепа сега и ќе глумиш жртва. Ме пријавуваш мене за семејно насилство? Чекај, нека дојде полицијата што си ја викнал. И да им кажеш што имаш направено“, вели Ивана во видеото.
„Ќе ме пуштиш да искочам, или не“, ја прашува тој расплаканата Ивана.
„Ме истепа и ми викна полиција. А бе психопат еден“, вели Ивана во видеото.
„Кога ќе дојдат, ќе се вратам. Ќе се тргнеш да искочам“, прашува Стојанче.
„Кога сум ти забранила да искочиш! Колку пати ме имаш истепано бе? А по скали што ме бутна во болница пред сведоци?“, му одговара Ивана.
Стојанче се смее: „Кај те удрив ма?“,
„Па по бубрези ме маваш бе. Затоа што сам ми кажа дека татко ти те мавал по бубрези кога бил полицаец, за да не се познава“, вели Ивана.
Стојанче се смее. „Ти немаш два грама мозок“, ѝ вели тој.
Се смее на снимката, се смее и на зборовите на Ивана за тепањето, по што обвинителката Адела Бојчевиќ побара судијата Ивица Стефановски да го опомене обвинетиот Стојанче Јовановски.
Продолжува изведувањето материјални докази во ова судење за тешко семејно насилство кое доведе до трагедија.
Стојанче е обвинет за три кривични дела: насилство и телесни повреди, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.
На следното рочиште во петок, исказ ќе даде обвинетиот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



