ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПУШТИ СНИМКИ ОД ЗАД СУДОТ, СО ПОЛИЦАЈЦИТЕ ВИКНАТИ ОД ИВАНА, КОИ ЗА ЌОТЕКОТ ОД СТОЈАНЧЕ Ѝ ВЕЛАТ: „РЕШЕТЕ СИ ГО ПРОБЛЕМОТ”

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПУШТИ СНИМКИ ОД ЗАД СУДОТ, СО ПОЛИЦАЈЦИТЕ ВИКНАТИ ОД ИВАНА, КОИ ЗА ЌОТЕКОТ ОД СТОЈАНЧЕ Ѝ ВЕЛАТ: „РЕШЕТЕ СИ ГО ПРОБЛЕМОТ”Откако си заминуваат полицајците што ги повикала Ивана, на снимката се гледа како Стојанче и’ се смее в лице, а рацете му се во џебовите. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Адела Бојчевиќ од ОЈО Скопје, денеска во Кривичниот суд Скопје продолжи со изведување материјални докази од видеокамери зад овој суд на 2 март, неколку часа пред да се самоубие Ивана Стојаноска со својата ќерка Катја, поради долготрајно тешко семејно насилство од сопругот, обвинетиот Стојанче Јовановски, од кои повреди и трауми била и задржувана во болница.

    На видеоснимка од безбедносна камера пред Кривичниот суд Скопје, се гледа како обвинетиот Стојанче пристигнува со сведокот Мартин Саздов и покојната Ивана Стојаноска за да го пријави своето присуство за друг случај. Во тој момент Стојанче е под кривична постапка против него, за дрога.

    Пристигнуваат пред катната гаража Судска палата, се симнуваат сите од возилото на Мартин, тој и Стојанче одат кон главниот влез на судот, а потоа тргнува натака и Ивана. 

    Претходно, Стојанче според презентираните докази и сведочењето на Мартин, ја тепал пред нејзиното работно место.

    Ова се моменти после 11 часот на 2 март 2026 година, односно час и пол-два пред да си го одземе животот заедно со 6-годишната ќерка Катја.

    По неколку минути Ивана се враќа сама пред катната гаража, кај возилото на Мартин. Кај 12 часот Ивана разговара на телефон. Стигнуваат нејзиниот сопруг Стојанче и Мартин.

    Ивана разговара на телефон и пак се враќа до возилото на Мартин, каде сите разговараат. Се приближуваат до влезот и до камерата на катната гаража. Стојанче и Ивана се тргаат настрана, тој ѝ вика на Ивана.  Мартин ги гледа цело време, Стојанче продолжува да прави гестикулации и да ѝ вика на Ивана. Потоа се расправаат сите тројца. 

    Во 12.40 часот Стојанче со десната рака ја удира Ивана по левиот образ. Од силниот удар главата ѝ лета надесно. Таа го држи телефонот во рака. Се јавува некаде. Се јавува уште еднаш. Стигнуваат полициски службеници, едниот разговара со Ивана, а другиот разговара со Мартин и Стојанче. Потоа и тој доаѓа до Ивана.

    Веќе поминува пола саат, а само 10 минути откако се дојдени двајцата полицајци. Стојанче потпишува документи. По 15 минути си заминуваат полицајците.

    За овој момент претходно Саздов сведочеше дека полицајците им рекле на Ивана која пријавила насилство од сопругот Стојанче: „Решете си го проблемот”.

    На снимката натаму се гледа како Стојанче ѝ зборува на Ивана во присуство на Мартин и притоа се смее со рацете во џеб.

    Стојанче и Мартин се упатуваат кон возилото, а Ивана кон паркингот на ОЈО за организиран криминал.  Стојанче и Мартин заминуваат од паркингот.

    Во 12.40 часот се гледа како Ивана се враќа на паркингот. 

    Меѓу материјалните докази, екстрахирани се податоци од мобилниот телефон на Стојанче, медицински документации од обдукциите на Ивана и Катја, а обвинителката на судот му даде и извештај од клинички психијатар и психолог за психичката состојба на Стојанче Јовановски, во кој извештај се утврдува директна причинско-последична врска меѓу долготрајното семејно насилство што го трпела Ивана и одземањето на својот живот во прегратката на детето, кое било сведок на тешкото насилство врз мајката, а било удирано од татко си и тоа.

    Стојанче е обвинет за три кривични дела: насилство и телесни повреди, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира