ОБВИНЕТИОТ ВО „МОНСТРУМ“ ХАКИ АЗИРИ ТВРДИ ДЕКА БИЛ ТЕПАН И ЗАПЛАШУВАН ЗА ДА ПРИЗНАЕ

    ОБВИНЕТИОТ ВО „МОНСТРУМ“ ХАКИ АЗИРИ ТВРДИ ДЕКА БИЛ ТЕПАН И ЗАПЛАШУВАН ЗА ДА ПРИЗНАЕОбвинетите од „Монструм“ пред Основниот суд Скопје 1 за претходно рочиште. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот во „Монструм“ Хаки Азири, кој првично бил загрозен сведок, во детали на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 раскажа како на први мај 2012 година бил брутално апсен, тепан, плашен, носен по полициски станици низ Македонија, но и во МВР, присилуван да признае дека помогнал тероризам, поради што и на крајот пред истражен судија дал изјава под притисок на инспектори од МВР.

    Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи побара да се чита изјавата на Хаки Азири од 2 мај таа година пред истражен судија, а и да се прегледа аудиовизуелната снимка по пет дена што ја дал, за да се види, како што рече, дали имало некакви промени и повреди кај него, зашто тврдеше дека на први и деновите потоа бил брутално тепан и малтретиран.

    Снимката беше пуштена во судница. Овој поранешен сведок раскажа како во МВР инспектори и еден со повисок чин и функција му кажале што треба да кажува пред истражен судија, ако сака да ги види живи членовите на неговото семејство. Ако фатиш адвокат или се пожалиш некому од овде, пак ќе бидат тоа наши луѓе, раскажуваше денеска како ја потпишал и ја дал изјавата со признание пред истражен судија.

    Азири, според обвинението и неговото, како што тврди, изнудено признание, бил тој што со свое возило ги презел од „опел омегата“ прво и второобвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ веднаш по убиството. Биле со црни ракавици и фантомки, му кажале: „Направивме гомнарија, убивме човек“.

    Ни на главното судење првиот пат, ни на повтореното денеска, Хаки Азири не го потврди тоа признание што го дал на почетокот во истрагата како загрозен сведок, поради што беше обвинет, осуден и денес во повторената постапка уште е обвинет. Обвинителката Фетаи побара пауза, најавувајќи дека распитот на Азири ќе трае долго. Судијата Огнен Ставрев, пак, рече дека поради тоа што на снимката не се гледа дали Азири има повреди од тепањето, на следното рочиште со посебна техника тој ќе биде зумиран.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира