Републичкото Јавно обвинителство распиша тендер за набавка на четири службени возила во вкупна вредност од 50 илјади евра. Обвинителството, всушност, првпат купува нови коли, досега користело стари и расипани, главно запленети од судски постапки.
На почетокот на годинава, на Скопското јавно обвинителство му се расипа и последниот „крајслер“ даден од МВР, стар 20 години. „Крајслерите“ за МВР ги набави сега покојната ексминистерка за внатрешни работи Доста Димовска.
Најголемото, Скопското обвинителство, долго време е без службени возила, а динамиката на работа му е двојно, па и тројно поголема од таа на сите останати обвинителства заедно. При незгода, убиство или друг потежок кривичен настан, за да не одат на увид со такси или со приватни возила и да ја доведуваат својата безбедност во прашање, обвинителите чекаат екипата од МВР да ги собере на местото, бидејќи обвинителството нема службени коли.
С. К. ДЕЛЕВСКА