Обвинителите за организиран криминал, кои ја водат истрагата за организирањето на крвавите насилства на 27 април, денеска влегоа во Собранието, потврдија собраниските служби за САКАМДАКАЖАМ.МК .
„Обвинителите од Одделот за организиран криминал кои ја водат истрагата дојдоа за првпат денеска. Бараа да тргнат од местото на настанот и да се движат по патеката, т.е. по сите патеки кои водеа до крвави насилства. Тргнаа од собраниските врати, кои беа однатре отворени, со што им се помогна на насилниците да влезат и да ги извршат кривичните дела. Ги гледаа тешките врати од внатрешната страна. Се движеа по траекториите каде што се движеше толпата. Рекоа дека треба да видат на лице место како се одвивале настаните, за да добијат визуелна претстава. Толку можевме да видиме“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од собраниските служби.
Според нашите соговорници, обвинителите на оваа прва нивна посета откако истрагата ја презеде Одделот за организиран криминал не спомнале ниту едно име, ниту пак прашале за пратениците кои ги тргнаа железните препреки од собраниските врати. Не прашале физички кај се наоѓал тогашниот претседавач Трајко Вељаноски, ниту останатите пратеници од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, а не ги споменале ни најповредените пратеници Зоран Заев, Зијадин Села, Љупчо Николовски, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и останатите.
Досега во Обвинителството за организиран криминал не се повикани пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои на снимките на безбедносните камери ги има како ги отвораат вратите за да влезат толпата и насилниците. Не е повикан ни тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој со недавање наредба да постапи полицијата, ги доведе скоро два часа во опасност животите на нападнатите пратеници кои од насилниците беа држени во собранискиот прес центар.
Од пратеници, на 25 септември во обвинителството за организиран криминал беа повикани по втор пат за да ги дополнат исказите Петар Шилегов, Дамјан Манчевски, Фросина Ременски и Мухамед Зекири.
Паралелно води постапка и Основното јавно обвинителство. Тоа во четврток го завршува судењето пред Основниот суд Скопје 1 против Панче Ангелов кој ја кубеше и ја повреди министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. На 27 септември му беше одреден нов притвор на Игор Југ, кого ОЈО Скопје го сомничи за Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, бидејќи носел пиштол. Тој упадна со првата група насилници во собраниската прес сала.
С. К. ДЕЛЕВСКА