ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ВЕЛИ ДЕКА Ѝ УКАЖУВАЛЕ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД КАНДИДАТУРАТА ЗА СТРАЗБУР, ОТКАКО ВЛАДАТА БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЈА ОТФРЛИ ЦЕЛАТА ЛИСТА

    ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ВЕЛИ ДЕКА Ѝ УКАЖУВАЛЕ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД КАНДИДАТУРАТА ЗА СТРАЗБУР, ОТКАКО ВЛАДАТА БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЈА ОТФРЛИ ЦЕЛАТА ЛИСТАПо неколкумесечно одолговлекување, Владата тивко одлучила дека ни Ристоска, а ни останатите двајца кандидати: апелационата судијка Габриела Гајдова и скопскиот адвокат Јордан Апостолски, не ги исполнуваат условите за судија во Стразбур. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Ленче Ристоска денеска во објава на Фејсбук откри дека пријателски ѝ било укажувано да ја повлече кандидатурата за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур.

    По неколкумесечно одолговлекување, Владата тивко одлучила дека ни Ристоска, а ни останатите двајца кандидати: апелационата судијка Габриела Гајдова и скопскиот адвокат Јордан Апостолски, не ги исполнуваат условите за судија во Стразбур. Но, притоа Владата не ги удостоила ниту нив, ниту јавноста со образложение кој од тројцата посебно кои услови не ги исполнува.

    „Со оглед дека Владата одбива да даде појаснување за тоа кои критериуми не ги исполнуваме како кандидати, што е спротивно на препораките на Советот на Европа, сакам да појаснам неколку работи. Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна“, напиша Ристоска.

    Неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат, смета таа.

    „Според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна. При вакви услови сосема е нормално и прифатливо и да не сте најдобриот кандидат и да не ја добиете позицијата за која аплицирате. Најповикани и најстручни да ги оценат кандидатите во рамки на националната селекција се Комисијата која беше формирана со оваа цел, како и советодавното тело на Советот на Европа, кои токму затоа се дел од процесот за предлагање на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, а Владата согласно препораките на Совет на Европа мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата“, укажа Ристоска.

    Откако не ги прифати кандидатите, Владата формираше нова комисија со нови членови кои ќе бираат нови кандидати за судија, која сега не брои 9, туку само 5 члена. Никој од тие членови таму не е случаен, велат експертите.

    Со новата одлука на Владата, членови на Комисијата се: претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани (избран во 2011 година, директно за Апелационен суд Скопје), претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија (избран и тој во 2011 година директно во Граѓански суд, без академија), новата в.д. претседателка на Кривичниот суд Даниела Димовска (поранешна советничка на Трајко Вељаноски и Љубиша Георгиевски, двајцата од ВМРО-ДПМНЕ и сопруга на советникот на Тимчо Муцунски, Тане Димовски) и директорката на Академијата за судии и јавно обвинители Ирина Трајковска-Стрезоски (избрана по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, на затворен дел на седница на УО на Академијата, спротивно на законот, за што случајот е на суд).

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира