ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ЧЕТВОРИЦА ОД 11 ОСОМНИЧЕНИ ЗА ШВЕРЦ НА УКРАДЕНИ КОЛИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ЧЕТВОРИЦА ОД 11 ОСОМНИЧЕНИ ЗА ШВЕРЦ НА УКРАДЕНИ КОЛИОсомничените текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството бара притвор за четири лица и предлог за мерки за претпазливост за едно лице од вкупно десетмина осомничени дека учествувале во криумчарење украдени возила и фалсификување исправи и службени исправи. Од осомничените еден не е достапен на органите на прогонот и за него притворската мерка ќе започне да се применува откако ќе биде најден и лишен од слобода.

    Дополнително, за едно лице од осомничените во вчерашната акција веќе е распишана меѓународна потерница и по него се трага поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје“, велат од Обвинителството.

    Уште четири лица, македонски државјани, исто така се опфатени со постапката, меѓутоа во моментов не се неопходни мерки за нивно обезбедување. Единаесеттиот осомничен, пак, е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција.

    Освен овие 11 осомничени, кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи опфаќа уште две лица, меѓутоа нивните дејствија се опфатени во постапката што претходно ја водеше ОЈО Скопје, па пријавите за нив ќе бидат отфрлени.

    Меѓу осомничените има и службени лица, вработени во управни служби за регистрација на возилата.

    Осомничените текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Возилата тука ги регистрирале и дел од нив по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира